1. Зошто е важно Северна Македонија да биде дел од Алијансата?
Со членството во НАТО, Северна Македонија исполни една од двете стратешки цели за кои се бориме три децении и стана дел од колективната безбедност на најмоќниот воено – политички сојуз. И, тоа треба да нè направи горди. Ние сме НАТО. Ние сме заедно со најразвиените и најмоќните држави во светот, држави со кои споделуваме исти вредности, исти принципи, ист поглед кон иднината. И, за нас многу важно, одлучуваме заедно и рамноправно со останатите 29 сојузници. На иста маса со сојузниците го споделуваме нашето мислење, се грижиме за нашите интереси, влијаеме на светските текови, даваме директен придонес кон глобалната безбедност.
Северна Македонија е полноправна земја – членка на НАТО од 27 март 2020 година, а во рекордно време беше завршена и воената интеграција во Алијансата – само 19 месеци по полноправното членство.
Со членството на Северна Македонија во НАТО започна едно ново поглавје во македонската одбрана во кое државата премина во систем на колективна одбрана, во согласност со Член 5 од Вашингтонскиот договор, во кој нападот на една земја – членка се смета за напад на целата Алијанса. Главните цели на државната одбранбена и безбедносна политика е да обезбеди мирен развој, независност и суверенитет на државата, територијален интегритет, уставен поредок и безбедност на граѓаните, дома и во целата евроатлантска област.
По неколку годишните предизвици предизвикани од пандемијата на корона – вирусот, европскиот континент со руската инвазија врз Украина влезе во нова безбедносна криза која покажа дека конвенционалната војна во Европа не е минато и дека таа во 21 – век е уште покомплексна, особено заради тоа што средината на војување не е само копното, водата и воздухот, туку е и информациската средина. Тоа е особено видливо во доменот на пробивот на дезинформациите и лажните вести чија основна цел е да лиферуваат фактички неточни информации кои го поткопуваат кредибилитетот и создаваат лажна перцепција за одреден настан, организација или личност.
Северна Македонија, како земја – членка на НАТО активно придонесува кон колективната безбедност на Алијансата. Нашата позиција во однос на руско-украинскиот конфликт е јасна и недвосмислена – нашата држава го осудува овој конфликт и повикува на итен прекин на воените дејствија. Владата на Република Северна Македонија донесе одлуки за воено-техничка и хуманитарна помош чија цел не е да се продолжат воените дејствија, туку независна Украина да ја одбрани својата независност и територијален суверенитет.
Во контекст на НАТО, Северна Македонија заедно со останатите НАТО – членки го донесе новиот Стратешки концепт, кој се основа на неколку клучни принципи: цврстата позиција за одбрана на слободата и безбедноста на сојузниците; трансатлантската врска помеѓу нациите која е клучот за безбедноста, а е базирана на заедничките вредности како индивидуалните слободи, човековите права, демократијата и владеењето на правото; позиционирањето на НАТО како исклучително важен форум за консултација, координација и делување по сите прашања за индивидуалната или колективната безбедност; континуирано исполнување на трите клучни задачи на НАТО: одбрана и одвраќање, превенција и менаџирање на кризи и кооперативна безбедност; како и унапредувањето на индивидуалната и колективната отпорност и технолошкиот напредок, како клучни за исполнување на трите задачи.
2. Кои се главните придобивки од членството на Северна Македонија во НАТО?
НАТО заштитува, обединува и зацврстувa. Членството во Алијансата значи безбедност, а без безбедност, нема просперитет. Северна Македонија стана членка во услови на глобална пандемија која беше и е закана за светската економија и тоа не нè одминува ниту нас. Но, факт е дека безбедноста носи подобра економија, повеќе инвестиции, а со тоа и подобар живот за граѓаните. Членството во НАТО се покажа како вистинска одлука и во контекст на нарушената безбедност на континентот, кога и во услови на отворен конфликт, јасно и гласно може да се каже – Северна Македонија е безбедна, стабилна и во мир. Безбедноста носи предвидливост која ќе ги охрабри инвеститорите и дома и од странство дека вложувањето во нашата земја е сигурно.
3. Дали македонски компании можат да учествуваат на НАТО – пазарот?
Со членството во НАТО се отвори и НАТО пазарот за нашите компании. Нашата држава има пристап до НАТО фондовите, како и можност домашните компании да учествуваат на јавните набавки на НАТО, кои во 2019 година изнесувале над 5.2 милијарди евра.
Тоа е и шанса за нашата бизнис – заедница и нашите компании да учествуваат во големиот ланец на набавки и снабдување со производи за потребите на Алијансата. Со членството на Република Северна Македонија во НАТО – Алијансата и по усогласувањето на домашното Законодавство, домашните компании имаат можност да учествуваат на набавките објавени за потребите на НАТО и земјите-членки.
Министерството за одбрана формираше Центар за поддршка на компаниите при учество на тендерите на Алијансата кој нуди целосна, сеопфатна поддршка за секоја домашна компанија која ќе пројави интерес. Сите информации и контакт детали за овој Центар можат да се најдат на следниот линк: https://mod.gov.mk/центар-за-поддршка-на-компании/
Она што нè води е – колку повеќе шанси за македонски компании, толку подобра економија.
4. Дали Северна Македонија како полноправна членка е целосно интегрирана во структурите на Алијансата?
Да. Со потпишувањето на Заедничката декларација за воена интеграција на 16 ноември 2021 година, Северна Македонија е и формално целосно воено интегрирана во НАТО – Алијансата. Во овој процес кој заврши само 19 месеци по полноправното членство, што е рекордно брзо време за воена интеграција во НАТО, реализирани беа 193 задачи од интегративниот план.
Заедничката декларација за воена интеграција беше потпишана во Скопје, од страна на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал – потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на НАТО командата за трансформација, генералот Филип Лавињ.
Процесот на воена интеграција на Северна Македонија во НАТО започна по потпишувањето на Протоколот за пристапување на нашата земја во Алијансата. Процесот на воена интеграција го следеше, координираше и имплементираше работна група составена од експерти, која работеше во седум области и тоа: администрација, опремување и модернизација, структура на сили, едукација, обука, вежби и евалуација, логистика и медицина, интеграција на системот за воздушно набљудување со системот на НАТО и комуникациско-информациски системи и сајбер одбрана.
По серијата консултативни состаноци, во ноември 2020 година се одржа Првата годишна конференција за интеграција на која беше заклучено дека процесот се одвива согласно планираната динамика и дека и покрај предизвиците од пандемијата, военото интегрирање на Северна Македонија во НАТО е реализирано.
5. Како Северна Македонија ќе придонесе кон колективната безбедност на Алијансата?
Кога велиме клучната придобивка од НАТО е безбедноста и сојузништвото, зборуваме за придонесот на сите земји членки меѓу кои Северна Македонија. Ние и реално даваме свој несомнен придонес кон системот на колективна безбедност, кој е столбот на Алијансата. Со тоа покажуваме дека мотото „еден за сите и сите за еден“ го поддржуваме и со наши домашни капацитети.
Еден таков капацитет е секако армискиот полигон „Криволак“ каде веќе е зголемен маневарскиот простор. Пробиени се нови 33 километри пат од страната на Штип, обновени 17 километри постоечки патишта и оформена е обиколница околу целиот полигон. И сето тоа го реализираме со сопствени сили, со новите машини на Инженерискиот баталјон кои беа набавени минатата година, после 16 години никакво вложување во оваа единица. На тој начин направивме и рационализација на средствата – за целиот проект потрошивме десет пати помалку од проценките колку ќе потрошевме доколку користевме надворешни компании.
Тоа е полигонот каде што започна колективната обука нашата НАТО декларирана единица – Лесната пешадиска баталјонска група, заедно со тим од Обединетото Кралство, но каде што се обучуваат и сите други единици од Армијата и тоа е полигон со чиј што развој очекуваме да се зголеми и бројот на билатерални и на НАТО обуки. Со овие инвестиции, со опремувањето во полигонот ќе се створат многу подобри услови за обука за нашите припадници, но и подобри услови за обука заедно со други сојузнички армии. Развојот на „Криволак“ ќе ни даде шанса не само да придонесеме во НАТО обуките, туку и да имаме бенефити за нашата економија и за нашиот буџет. „Криволак“ е „нашата лична карта“, нашиот капацитет кој во голема мера ќе ја зацврсти безбедноста.
Фактите говорат дека „Криволак“ е посакувано место за извежбување и развој на интероперабилноста и од страна на сојузниците. Министерката Славјанка Петровска при посета на една од вежбовните активности информираше дека во 2022 година за само 6 месеци одржани се 10 повеќедневни вежбовни активности на сојузничките армии и на партнерите на НАТО, додека македонската Армија неколку пати месечно на овој полигон ги извршува своите редовни вежбовни активности.
Вториот капацитет со кој ќе дадеме свој придонес е нашиот Регионален центар за односи со јавност, кој согласно плановите на Министерството ќе прерасне во НАТО Школа за односи со јавноста. Со сојузничка поддршка, РЦОЈ ќе се здобие со НАТО институционална акредитација, што ќе биде потврда дека Центарот функционира согласно највисоките НАТО стандарди и дека истиот има целосно функционален Систем за менаџирање на квалитет. На овој начин, меѓународните курсеви кои се дел од понудата на Центарот, од ниво NATO Selected, ќе се искачат на највисокото ниво на акредитација, односно NATO Approved, со што РЦОЈ ќе го зголеми своето и така високо реноме и ќе се позиционира како образовен центар кој ќе продуцира идни НАТО – офицери за односи со јавноста. Истовремено, како цел од Концептот за развој на систем за справување со дезинформации, РЦОЈ е носител на превентивната функција во овој систем.
Нашиот војнички придонес е фокусиран на нашата НАТО декларирана единица – Лесната пешадиска борбена група, чии припадници до крајот на 2020 година реализираа колективна обука на „Криволак“ заедно со менторски тим од Обединетото Кралство. Токму оваа единица е нашиот приоритет и во доменот на екипирањето, обучувањето, и во опремувањето. Во оваа и слични на неа обуки може да се види уште една придобивка од членството – Северна Македонија, како сојузник, дава, но и добива секаков тип на поддршка во развој на сопствените сили.
6. Во кои мисии на Алијансата (но и на ЕУ и ООН) учествуваат мировниците од Армијата на Република Северна Македонија?
Кога зборуваме за нашиот придонес кон глобалниот мир и безбедност, мислиме и на нашето веќе долгогодишно учество во мисиите предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации.
Впрочем, нашата Армија е заедно со сојузниците во мисијата ИСАФ во Авганистан од 2002 година (а, подоцна и во мисијата наследник „Одлучна поддршка“), а во еден период нашата земја беше и четврта земја придонесувач во оваа мисија, според бројот на жители. Тоа е вистинскиот приказ за нашата посветеност кон Алијансата, и кон сето она за што таа се залага – безбедност, мир, просперитет на глобално ниво.
Денеска, учеството на нашите припадници опфаќа поголем број на мисии – со свои војници придонесуваме во НАТО силите КФОР на Косово, со што ја покажуваме и нашата вистинска улога како столб на мирот и стабилноста во регионот, а со свои припадници учествуваме и во НАТО мисијата НМИ во Ирак, операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, и во мисијата на Унијата во Централноафриканската Република, што е едно ново искуство за нас. Секако, продолжуваме со свои припадници да бидеме дел и од мисијата УНИФИЛ во Либан, под капата на Обединетите Нации.
Во контекст на безбедноста на НАТО, Алијансата донесе одлука за креирање на мултинационални сили под капата на т.н. Enhanced Forward Presence (eFP) и Enhanced Vigilance Activities (eVA), во осум земји на источното крило на Алијансата, а Северна Македонија е активен учесник во три од нив: во НАТО силите во Латвија, во Романија и во Бугарија. На овој начин покажуваме дека активно придонесуваме кон колективната безбедност на НАТО. Во првата половина од 2023 година, Северна Македонија е дел и од борбената група на Европската Унија, HELBROC, предводена од Грција.
Со учеството во сите овие мисии ја покажуваме нашата вредност и нашата определба да учествуваме во разработката и реализацијата на политиките на НАТО, но и да ги следиме политиките на Европската Унија која е нашата следна цел и кон која природно припаѓаме.
7. Колкав е одбранбениот буџет и како е алоциран?
Буџетот за одбраната е во постојан раст во последните неколку години и истиот претставува здрава основа за развој на одбраната и на армиските капацитети и способности. Ние остануваме на нашиот план согласно кој буџетот за одбраната ќе изнесува 2% од бруто-домашниот производ до 2024 година. Исполнувањето на планот можеме да го видиме и преку буџетот за 2023 година кој изнесува 1,85% од БДП или речиси 275 милиони евра. Во однос на 2022 година, буџетот е зголемен за 24,45%. Од одбранбениот буџет, 33%, односно 88,7 милиони евра се алоцирани за опремување и модернизација на Армијата, што е гарант дека овој важен процес ќе продолжи да се реализира согласно плановите.
8. Што подразбираме под модернизација и опремување на Армијата и каков е стандардот на армиските припадници?
Процесот на опремување и модернизација е еден од клучните фактори за изградба на модерна и ефикасна Армија оспособена за успешно извршување на својата мисија и задачи дадени во Уставот на Република Северна Македонија како и операциите во рамки на НАТО Алијансата, како и достигнувањето на НАТО цели за развој на проектираните способности. Овој процес е од особено значење за доизградба на постојните и за развивање на нови способности и капацитети во процесот на трансформацијата на Армијата, како и постигнување на потребен степен на интероперабилност и компатибилност на Армијата на Република Северна Македонија со вооружените сили на останатите земји членки на НАТО. Реализацијата на проектите и активностите за развој и одржување на одбранбените способности на одбраната се предвидени со Долгорочниот план за развој на одбранбени способности на одбраната (ДПРОС) кој е во согласност со потребата за интеграција во колективниот систем на одбрана на НАТО.
Тежиштето на модернизацијата е на декларираните сили, поточно Лесната пешадиска борбена група. Согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата и приоритетите за опремување на декларираните сили преку повеќегодишни проекти, набавуваме лесни оклопни возила, неборбени возила, логистичка опрема, информатичка опрема и опрема за сајбер – заштита, опрема за пешадиски и извидувачки единици, артилериски средства. Дел од армиските капацитети веќе се и првите 32 лесни оклопни возила JLTV. Во 2021 година, американскиот Стејт Департмент ја одобри набавката и на возила од типот „Stryker“, повеќегодишен проект кој се реализира во соработка со Владата на САД. Веќе е потпишан и договор со Република Франција за набавка на системи за против-воздушна одбрана.
За нас најважен е припадникот на Армијата, службеникот во Министерството. Нивната мотивација, нивната посветеност на одбраната, но и нивната позиција во општеството. Мотивацијата кај вработените значи и силна институција, подготвена да се справи со сите предизвици. Го вративме достоинството на „луѓето во униформа“ и ги направивме достојни на нивното место во општеството како лица во кои граѓаните имаат најголема доверба. Со последните измени во Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија предвидовме и донесовме голем број поволности за армиските припадници – ја усогласивме нивната плата со зголемувањето на минималната плата, воведовме исплата на надоместок за закупнина за секој припадник на Армијата од првиот момент на пристапување во работен однос во Армијата, предвидовме можност за исплата на отпремнина за секој професионален војник со навршени 45 години старост, во висина од две просечни плати, но не помалку од 1.000 евра за секоја измината година во Армијата, предвидовме пензионирање со 40 години работен стаж (односно 38 години за жени), без оглед на возраста, пресметка на пензиските примања во висина од 80% во најповолните десет години од денот на формирање на Армијата и нова пресметка на пензијата за поранешните припадници на Армијата согласно ова законско решение, стипендирање на студенти од критичните специјалности во висина од 30-80% од просечната минимална нето плата во државата во зависност од студиската година која се стипендира и парична награда во висина од 50% односно 100% од износот на месечната стипендија за стипендираните лица кои ќе ја завршат студиската година со просечна оцена 8,00 односно 9,00. Поволности кои припадниците на Армијата целосно ги заслужуваат.
Го зголемуваме интересот во воената професија – доказ за тоа е фактот дека на последниот оглас за прием на професионални војници во 2022 година, за 200 места пријавени се 900 кандидати. Квантитет кој носи квалитет. Со членството во НАТО, целосно ги отворивме вратите кон можностите за доедукација и усовршување. Обуките за земјите на НАТО се обуки достапни за нас. Вежбите на Алијансата се отворени и за нашата, НАТО – Армија.
9. Дали Министерството за одбрана е транспарентна институција?
Министерството за одбрана е прво на независното мерење на Активната транспарентност. Во 2022 година исполнивме 100% од предвидените критериуми (исто како и во 2021 година), а првото место го заземавме и во 2020 година со 97,9% исполнети критериуми. Работиме за јавниот интерес, покажуваме дека за нас е важно граѓаните да се информирани каде се вложуваат средствата од буџетот. Нивните средства. Над 70 проценти од граѓаните имаат доверба во Армијата, институција која има долго реноме како институција со најголема доверба во државата и тоа не е случајно. Армијата постои за граѓаните, за нивните потреби, нивната сигурност.
Поставивме систем за континуирана отвореност и транспарентност на одбраната. Со подзаконски акт воведовме правила и процедури кои ќе овозможат одбраната да остане во самиот врв на отвореноста и отчетноста. Дефиниравме задачи и одговорности за секоја организациска единица, интерни правила на постапување со сите барања согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и воведовме нов лик на веб-страницата на Министерството кој е јасен, прегледен и, најважно, одговара на потребите за информации на граѓаните. „Линијата за транспарентност“ е нашиот златен стандард.
Создадовме систем за справување со дезинформации зашто тоа се намерно креирани лажни или манипулирани информации кои имаат за цел да ја измамат, односно да ја доведат во заблуда клучната публика. Изработивме Концепт за развој на систем за справување со дезинформации базиран на три видови на функции – превентивна, проактивна и реактивна функција, чии задачи и одговорности се испреплетуваат и се меѓузависни. Водечкиот сегмент во превентивната функција е Регионалниот центар за односи со јавноста – НАТО партнерски центар за обука и едукација кој организира обуки во доменот на односите со јавноста. Неодамна, во рамките на оваа функција беше пилотиран и првиот курс за справување со дезинформации и градење на отпорност, на кој учество зедоа владини комуникатори. Со овој курс, „де факто“ започна да се реализира и превентивната функција во рамките на овој систем. Проактивната функција се базира на предвремено детектирање на можни дезинформации (т.н. pre-debunking) и нивно пресретнување со зголемена визибилност на фактички точни информации во детектираната област, како и пошироко информирање на детектираните клучни публики за теми од интерес на одбраната и НАТО – Алијансата. Третата функција од овој систем – реакативната, е всушност процес на брзо пресретнување на дезинформациите во информацискиот простор преку соодветен мониторинг, нивно пренесување во системот и нивен, брз, навремен и соодветен одговор.
10. Колку во македонското општество се инкорпорирани вредностите на Алијансата?
Вредностите на сите земји – членки на НАТО се јасни – демократија, слобода и владеење на правото, и почитување на јавната дебата во демократските општества на сојузниците. Во последните неколку години имаме силен пробив по овие вредности во општеството. Денеска не постои разлика во вредностите на граѓаните на ниту еден сојузник, со вредностите за македонските граѓани, на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и сите останати. Северна Македонија е земја на сите и земја во која се почитуваат сите. Тоа се рефлектира и во рамките на Армијата. Пример, секако, е интересот за влегување во одбранбениот систем, кој е подеднакво голем кај сите етнички заедници.
Северна Македонија е една од водечките земји во имплементацијата на Резолуцијата 1325 на Обединетите Нации, која е основа и за земјите – членки на НАТО, на полето на родовата еднаквост и родовата перспектива. Тоа е исклучителна вредност на современите демократии кои знаат дека со целосно, инклузивно вклучување на жените во одбраната, не само како бројка, туку и во процесот на работење, на одлучување и раководење, ние добиваме уште еден голем капацитет.
Затоа, можеме да бидеме и јасни и гласни кога ќе речеме дека нашата земја целосно, без исклучок, ги живее вредностите кои се во темелот на Алијансата. Впрочем, токму затоа членството во НАТО, исто како и членството во Унијата се наши стратегиски цели. Таму е нашето место.
11. Каква е поврзаноста помеѓу одбраната и заштитата на животната средина?
Министерството за одбрана го донесе Планот за повисоки еколошки стандарди во одбраната (Еко-одбрана), кој се фокусира и на зголемувањето на енергетската ефикасност во одбраната и Армијата, е вистински план, во вистинско време.
Овој План, иако првично фокусиран на намалувањето на влијанието врз животната средина предизвикано првенствено од начинот на загревање, покажа дека е најдобриот начин за ефикасно искористување на енергенсите и рационално трошење на државниот буџет, односно парите на граѓаните. Планот е поставен на четири столбови – замена на енергенсите за затоплување на објектите на одбраната и на Армијата, од загадувачки во незагадувачки, потоа зголемување на енергетската ефикасност на објектите, односно нивно целосно реновирање, следење на загадувањето од активностите на Армијата и, можеби најзначајно денеска, поставување на фотоволтаични електрани во касарните на Армијата, со што потребите за електрична енергија ќе ги задоволуваме целосно од наше производство.
Гасификацијата во касарна „Страшо Пинџур“ во Петровец е завршена, а во тек е гасификацијата на касарната „Боро Менков“ во Куманово. Започната е реконструкција на објекти и хангари во касарната во Штип, објект во касарната во Куманово, а целосно е завршена реконструкцијата на два објекти во касарната „Илинден“ во Скопје, еден во велешката касарна и еден објект во касарната во Петровец. Во 2023 година ќе започне реконструкција на најмалку пет објекти низ касарните во државата.