Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

ПОДОФИЦЕРИ И ОФИЦЕРИ

Подофицерите во македонската Армија

 

Подофицерите претставуваат еден од клучните столбови на македонската Армија. Тие се врската помеѓу офицерите и војниците, носители на практичното воено знаење, дисциплината и професионалната култура во единиците. Во современите армии, а особено во армиите на земјите членки на НАТО, подофицерскиот кор има значајна улога во обуката, лидерството и секојдневното функционирање на единиците. Подофицерите во секоја армија се препознаени како р’бетот на Армијата, професионален кадар кој директно влијае врз борбената готовност, моралот и ефикасноста на единиците.

Подофицерскиот кор го сочинуваат професионални воени лица кои поседуваат соодветно воено образование, практично искуство и лидерски способности. Тие се одговорни за непосредно раководење со единици во ранг тим и одделение, во некои единици се командири на водови, но постојат и штабни подофицери кои работат во штабовите на баталјон и повисоко како и подофицери со логистички специјалности. Примарна задача на подофицерите во единиците е спроведување на обуката на војниците, одржување на дисциплината, како и за советување на командирите во процесот на планирање и извршување на задачите. Во пракса, подофицерите се носители на континуитетот и традицијата во единиците, бидејќи најчесто поседуваат значително оперативно искуство и долгорочно служат во рамките на истите или слични формациски должности.

Посебно значајна компонента во функционирањето на подофицерскиот кор е т.н. канал за поддршка. Овој систем претставува паралелен, но комплементарен механизам на ланецот на командување, преку кој подофицерите обезбедуваат континуитет во спроведувањето на наредбите, одржувањето на дисциплината, грижата за персоналот и следењето на состојбата во единиците. Преку каналот за поддршка, искусните подофицери, особено првите подофицери на чета и главните подофицери на баталјон и повисоко, играат клучна улога во пренесувањето на намерата на претпоставениот, но и во советувањето на командантите за прашања поврзани со персоналот, обуката и моралот.

Во македонската Армија постојат повеќе подофицерски чинови кои го одразуваат нивото на искуство, одговорност и лидерство. Подофицерската структура ја сочинуваат чиновите: водник, водник прва класа, постар водник, постар водник прва класа, наредник и главен наредник. Со напредувањето во кариерата, подофицерите преземаат сѐ поголеми одговорности, од непосредно раководење со тим или одделение, до вршење должности како први подофицери на чета, баталјон или повисоки команди, каде што имаат значајна советодавна улога кон командирите и командантите.

 

Офицерите во македонската Армија

Офицерите во Армијата, во службата се раководат од темелните морални принципи на воената професија и постојано ги афирмираат нејзините вредности и принципи. Тие не се само командири и команданти, туку и воени лидери кои со својот личен пример ги водат припадниците на Армијата. 

Основните вредности за офицерите се: верноста кон татковината, посветеноста на воената служба, одговорноста, достоинството, почитувањето, дисциплинираноста и храброста.

 

Офицерски и подофицерски ознаки за чинови: https://mil.mk/chinovi/

Мени за пристапност