• По неиспровоцираниот напад на Русија врз Украина во 2014 година и анектирањето на дел од територијата на Украина, сојузниците на Самитот на Алијансата во Варшава во 2016 година донесоа одлука за зајакнување на одбраната и одвраќањето, како дополнителен придонес кон стабилноста и безбедноста на Алијансата.
При тоа, сојузниците формираа мултинационални сили, т.н. „Зајакнато истурено присуство“ – NATO Enhanced Forward Presence (eFP) на источното крило на Алијансата.
Мултинационалните сили на НАТО на североисточниот дел на Алијансата за првпат беа воспоставени во 2017 година, со создавање на четири мултинационални баталјонски борбени групи во Естонија, Латвија, Литванија и Полска. Овие мултинационални сили се предводени од Обединетото Кралство, Канада, Германија и Соединетите Држави, соодветно.
По бруталната руската агресија на Украина во февруари 2022 година, на Самитот на НАТО во Мадрид во јуни 2022 година, сојузниците се согласија за фундаментална промена на концептот за одвраќање и одбрана на НАТО кое вклучува дополнително зајакнување на источната граница на Алијансата, надградба на борбените групи во источниот дел на Алијансата на ниво на бригада, трансформација на силите за одговор на НАТО и зголемување на бројот на сили за висока готовност со дополнително формирање на уште четири мултинационални борбени групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка. Со ова вкупниот број на мултинационални борбени групи се зголеми на осум, и тие се протегаат по целото источно крило на НАТО – од Балтичкото Море на север, до Црното Море на југ.
Тоа претставува најголемо засилување на колективната одбрана на Алијансата во една генерација и ја демонстрира солидарноста, решителноста и способноста на сојузниците да ја одбранат секоја педа сојузничка територија и една милијарда граѓани на Алијансата. Мултинационалните сили ја демонстрираат силата на трансатлантската врска и јасно кажуваат дека нападот врз еден сојузник би се сметал за напад врз целата Алијанса.
• Учеството на припадниците на македонската Армија во рамките на мултинационалните сили на НАТО во Латвија и во Бугарија и Романија е врз основа на одлуки на Владата. Нашиот придонес во НАТО силите во Латвија предводена од Канада, започна во јуни 2022 година во рамките на словенечкиот контингент со едно АБХО одделение, потоа заменети со едно артилериско одделение кое отпочна со активности во декември 2022 година во две ротации.
Во моментов нашата држава во мултинационалните сили во Латвија придонесува со едно извидувачко одделение, распоредено во кампот „Адажи“, близу Рига, на шест месечна ротациона основа.
Од ноември 2022 нашата земја придонесува и во мултинационалните сили во Бугарија (предводени од Италија) и Романија (предводени од Франција) и тоа со по еден вод и по еден штабен офицер.
Македонските војници заедно со припадниците на вооружените сојузнички сили се составен дел од колективниот систем за одвраќање и одбрана на Алијансата.