
Почитувани,
Еден од приоритетите на Министерството за одбрана и Армијата, освен грижата и унапредувањата на стандардните на својот персонал, е и грижата за семејствата на вработените. Упатувањето во мисија за секој припадник на Армијата претставува професионален предизвик и ново искуство, а за да можат ефикасно да одговорат на бараните задачи, припадниците на Армијата мора да бидат квалитетно подготвени и целосно посветени. Покрај секојдневните подготовки кои ги имаат пред упатување во мисија, потребно е припадниците на Армијата да бидат сигурни дека нивните семејства ќе бидат згрижени и ќе добијат помош и поддршка за времетраењето на мисијата.
Министерството и Армијата, помагајќи му на семејството да остане стабилно, функционално и добро организирано за време на мисијата, посредно му помага и на мировникот, максимално да се посвети на извршувањето на мисијата и на професионалните обврски и да го сочува своето ментално здравје. Токму затоа Министерството и Армијата преземаат активности за поддршка на семејствата на персоналот ,врз основа на Правилникот за грижа на семејствата на воениот и на цивилниот персонал за време на учество во вежбовни активности, обука, хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Републиката и на Годишниот план за реализација на активностите.
Целта е членовите на семејствата полесно да се приспособат на промените и да воспостават нормален живот во новите околности.
Поддршката на семејствата ја организира и ја реализира Секторот за човечки ресурси во Министерството за одбрана преку центрите за транзиција и поддршка на семејствата, во соработка со командите и единиците на Армијата и другите органи на државната власт.
Во продолжение можете да најдете корисни информации во однос на тоа како и каква поддршка може да добијат членовите на семејствата, активности пред, за време и по завршување на мисијата, основни и практични совети за мировниците и за членовите на нивните семејства и контакт информации.
1. КАКВА ПОДДРШКА МОЖЕ ДА ДОБИЕТЕ?
• Информирање пред упатувањето и за време на мисијата.
• Комуникација со мировниците.
• Правно и административно советување.
• Помош за користење на капацитетите за одмор на Министерството за одбрана.
• Советување за финансиски прашања и помош за остварување на финансиски надлежности во согласност со Законот.
• Психолошка, социјална и педагошка поддршка на членовите на семејството.
• Организација на културно-забавни активности.
2. КАКО ДА ДОБИЕТЕ ПОДДРШКА?
• Присуствувајте заедно со сопружникот на информирањето пред почетокот на мисијата.
• Пополнете го образецот со податоци што ќе ви го достават вработените за време на информирањето.
• Ќе бидете контактирани во врска со сите активности кои ги организира Центарот за транзиција и поддршка на семејствата.
• Вклучете се во активностите на центрите за транзиција и поддршка на семејствата.
Активностите за поддршка на семејствата се реализираат во три фази, вклучувајќи ги брачните партнери, нивните деца и персоналот кој се упатува во мисија.
I фаза: АКТИВНОСТИ ПРЕД УПАТУВАЊЕ ВО МИСИЈА
Центрите за транзиција и поддршка на семејствата преку организирање на едукативни семинари вршат информирање на членовите на семејствата и персоналот упатен во мисија за можностите и активностите за поддршка на семејствата за време на мисијата.
II фаза: АКТИВНОСТИ ЗА ВРЕМЕ НА МИСИЈАТА
За време на учеството во мисија, Центрите за членовите на семејствата нудат можност за одржување на телекомуникациски врски; индивидуална поддршка (советување) со членовите на семејствата за проблеми поврзани со справување со разни предизвици (правни, финансиски и здравствени совети); психолошка и социјална поддршка која се реализира во Центрите за транзиција и за поддршка на семејствата; културно-забавни активности кои Министерството за одбрана ги организира за вас (театарски претстави, посета на музеи, концерти, воени прослави и сл.); организирање на т.н. семеен ден.
III фаза: АКТИВНОСТИ НЕПОСРЕДНО ПРЕД И ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА МИСИЈА
Процесот на повторно обединување на семејството непосредно пред и по завршувањето на мисијата е исто толку значаен како и подготовката за заминување во мисија. За таа цел центрите за транзиција и за поддршка на семејствата вршат организирање на заеднички едукативни работилници во траење од еден до два дена.
1. МИРОВНИКУ, ПОДГОТВИ ГО СЕМЕЈСТВОТО!
Заминувањето во мировна мисија претставува ново искуство за вас, а особено за вашето семејство.
Затоа, подгответе го пред да заминете во мисија!
Во предупатниот период посветете им особено внимание на малите деца или на родителите кои потешко се приспособуваат на промените. Поминете го времето со децата во игра и разговор. Дозволете им да Ви ги покажат своите чувства, радоста, лутината или тагата. Покажете им дека ги сакате. Заедничкото дружење и разговорите оставаат траен спомен на кој ќе се потсетувате кога ќе заминете од дома.
Никогаш немојте да им кажувате дека одите заради нивно добро – може да им создадете чувство на вина поради вашето заминување.
Некои од своите задолженија дајте им ги на вашите деца, во зависност од нивната возраст, и на тој начин ќе им дадете чувство на одговорност.
Нормално е да се јави чувство на страв, лутина, тага, потешкотија, напнатост. Поделете го тоа со вашите блиски и побарајте и тие да го направат истото тоа кон вас.
Избегнете ги конфликтните ситуации. Ако постојат, потрудете се да ги решите пред да заминете.
Бидете им поддршка на членовите на семејството, покажете дека им верувате.
Регулирајте ја финансиската состојба. Земете ја со вас омилената фотографија, книга или филм. Тоа ќе ви помогне во одржувањето на блискоста.
2. СОВЕТИ ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА ВАШЕТО СЕМЕЈСТВОТО
Почекајте ги службените информации за времето и местото на враќање на вашиот член на семејството.
Вклучете ги децата во подготовките за враќањето и разговарајте за нивните чувства. Планирајте го дочекот на вашиот член на семејството, прашајте го каков дочек сака. Некои сакаат да се одморат и да бидат само со семејството, други, пак, сакаат да прослават и слично.
Воспоставување на односи со семејството и повторно вклучување во секојдневниот живот
Периодот на приспособување може да трае од неколку денови до неколку седмици, но во исклучителни случаи како што се раѓање на дете, болест, повреда во мисија и слично, тој период може да се пролонгира.
Објаснете им дека некои работи ќе се променат и дека е потребно време за приспособување. Подгответе се на тоа дека вашиот член на семејството се променил, но верувајте дека тие промени се позитивни, психички (нови искуства) или физички (промена на тежината, бојата на косата, фризурата и сл.).
Ова е чувствителен период за сите членови на семејството, потребно е многу трпение и време. Во изминатиот период се стекнати нови навики, нови различни искуства и доживувања и потребно е време да се навикнете дека повторно сте заедно и да се поврзете како семејство. Тоа е можност за подобрување на меѓусебните односи.
Иако сте среќни поради враќањето, во почетокот може да се појават чувство на напнатост и нервоза, дезорганизираност и несигурност, чувство на одземена слобода и самостојност, чувство на изгубеност и отуѓеност, недоверба и слично.
Може да се појават и потешкотии при повторно воспоставување на комуникација и интимност со партнерот, во воспоставувањето на родителските улоги, во преземањето на семејните обврски и слично.
Потребно е подолго време за повторно да се поврзете и да се навикнете едни на други, бидејќи сите на некој начин сте се промениле.
Обидете се да бидете трпеливи и толерантни и постепено преземајте ги своите семејни обврски. Бидете отворени и приспособете се на промените кои настанале, а доколку не ви се допаѓаат тие промени, обидете се да ги промените или да ги приспособите кон себе.
3. ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ
Вашето семејство се навикнало на вашата отсутност и сега треба време да се навикне на вашата присутност. Имате едно незаборавно животно искуство!
Сега можеби размислувате поинаку за многу животни прашања и тоа искористете го на најдобар начин.
Одржувајте пријателства и контактирајте со лицата кои биле во мисија и со нивните семејства, бидејќи може да споделите искуства и можете да се разбирате.
Бидете активни. Поставете си себеси реални цели и обидете се да ги остварите. Во договор со останатите членови на семејството, можете да ги испланирате своите активности.
Добро е кога се разговара за проблемите, немојте да употребувате алкохол, таблети за смирување или други стимулативни средства. Така нема да ги решите своите проблеми, само ќе создадете нови.
И понатаму одржувајте ја својата физичка кондиција, грижете се за себе и за своето здравје.
Ако подолг временски период имате проблеми да воспоставите односи во секојдневното функционирање, побарајте стручна помош. Повторното враќање во секојдневниот живот понекогаш може да биде необично и тешко.
Животот и работата полека се враќаат во нормала, па потрудете се да бидете активни и на работа.
Пред да тргнете, подгответе ја потребната документација.
Разговарајте со вашето семејство за сè она што треба да го направат во ваше име.
Не оставајте нерешени обврски.
Потрудете се навреме да ги решите:
– прашањата во врска со патувањето (пасош, виза, вакцини).
– правните и административни прашања (старателство, осигурување).
– полномошно (данок, патување на децата во странство).
– финансиски прашања (финансиска состојба, кредитни картички, сметки, овластувања).
– здравствени картички (осигурување, здравствени книшки, лекарства).
– прашања во врска со имотот (хипотека, кредити, осигурување, комунални услуги).
– прашања во врска со автомобилот (возачка дозвола, регистрација, осигурување, овластување за управување).
За сите детали поврзани со поддршката на семејствата на лицата упатени во мисии надвор од територијата на нашата држава, можете да се јавите телефонски или да ги посетите просториите на најблискиот центар каде што непосредно ќе бидете информирани од советниците.
ЦЕНТАР ЗА ТРАНЗИЦИЈА И ПОДДРШКА НА СЕМЕЈСТВАТА – СКОПЈЕ
адреса: Касарна „Гоце Делчев“ – Скопје
контакт телефон: 02/328-7661, 02/328-3863, 02/328-3818
мејл адреса: semejstva@mod.gov.mk
ОПЕРАТИВНА КОМАНДА И ПОДДРШКА НА СЕМЕЈСТВАТА – КУМАНОВО
адреса: Kасарна„Боро Менков“
контакт телефон: 031/474-216
мејл адреса: semejstva@mod.gov.mk
Доколку имате проблем и потребна ви е помош или поддршка. остварете контакт, а нашите вработени ќе се погрижат за вас.
Јавете се на овие телефонски броеви или испратете мејл до вработените во Центарот.
Вработените ќе контактираат со вас. Ќе ви помогнат, или ќе ве упатат до надлежната организациска единица на Министерството за одбрана или до Армијата за решавање на проблемот.
Доколку е потребно ангажирање на друг орган на државната управа, вработените ќе ве насочат каде да се јавите.
Одржувајте контакт со вработените во Центарот за транзиција и поддршка на семејствата.