Заменик министерката за одбрана Елфет Исмаили се обрати на Регионалниот безбедносен форум Џорџ К. Маршал на тема: „НАТО и безбедносна соработка на Западен Балкан: Градење стабилност преку соработка“, кој се одржува во Охрид. Овој настан се одвива под покровителство на Европскиот центар за безбедносни студии и на него се одржуваат повеќе панел дискусии со голем број учесници од областа на одбраната и безбедноста од нашата земја, од земјите од Западен Балкан и од земјите членки на НАТО.
Во својот говор пред присутните, заменик министерката Исмаили, изразувајќи благодарност до организаторите, истовремено истакнувајќи ја честа и задоволството што е дел од панелот и честитајќи им на панелистите за дискусиите, ја истакна важноста на соработката на земјите од ЗЗападен Балкан, како главен фактор на демократијата и просперитетот во регионот.
Таа во оваа прилика укажа на многубројните предизвици и закани по безбедноста, додавајќи дека нема земја која е изземена од нив, со посебен акцент на надворешните влијанија на некои земји, кои со политиките и со нивниот негативен пристап, претставуваат ризик за безбедноста на целиот регионот. Во овој контекст, заменик министерката Исмаили се осврна и на изнаоѓање на вистинските политички алатки и механизми кои нашиот регион треба да ги користи за соочување со предизвиците и заканите.
Евроатлантската ориентација, како и заложбата за усогласување со дефинираните евроатлански вредности, засновани на принципите на демократијата, индивидуалната слобода и владеењето на правото, заменик министерката Исмаили, ги заснова како заедничка точка и како конечна цел на земјите од Западен Балкан, подвлекувајќи дека овие земји, со искрено политичко лидерство, мора да ги спроведат и најнеопходните политички реформи, тргнувајќи и од проширената и успешна економска, комерцијална и финансиска соработка.
Меѓу другото, заменик министерката заклучи дека на регионот и на светот им се потребни НАТО и ЕУ во заеднички пакет и дека треба да се даде приоритет на демократската стабилност и зајакнувањето на Алијансата и на ЕУ, бидејќи тоа е од суштинско значење за гарантирање на мирот и безбедноста во Европа, и во светот. На крајот беше подвлечено дека преку соработка за заедничко соочување со стратешките предизвици на земјите и нашиот регион, истиот ќе биде постабилен, не занемарувајќи ги регионалните иницијативи кои се од витално значење за градење отпорност на предизвиците во иднина, со коишто нашите земји и целиот регионот ќе мора да се соочат.