Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (9 декември) оствари средба со командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал мајор Грегори Најт, кој е во официјална посета на државава по повод завршувањето на неговиот мандат. На средбата присуствуваа и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Мисајловски изрази благодарност за досегашниот ангажман и личен придонес на генералот Најт и се осврна на досегашното тридецениско партнерство и соработка помеѓу македонската Армија и Националната гарда на Вермонт.
„Заедно ја унапредивме интероперабилноста, програмите за обука и подготвеноста кои се клучните елементи на нашата заедничка посветеност на мирот и безбедноста. Ми беше привилегија да работам со вас“, рече Мисајловски и додаде дека под водство на генералот Најт „соработката меѓу Националната гарда на Вермонт и нашата Армија, преку која реализиравме бојни активности, заедничко учество во мировни операции, заеднички вежби, обуки и едукација на припадниците на двете армии, не само што продолжи – туку стана посилна, подлабока и позначајна.“
Генералот Лафчиски му се заблагодари на генералот Најт за долгогодишната соработка, истакнувајќи дека тој е „еден од ретките кои дадоа поддршка на сите единици во Армијата, а вашата работа е препознаена и високо ценета кај нас.“ Дополнително, генералот Лафчиски ја потенцираше досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно унапредување, особено во развојот на армискиот полигон „Криволак“, заедничката обука на персоналот на Армијата со Националната гарда на Вермонт и учеството на меѓународни вежби.
Генералот Најт истакна дека за него ова партнерство претставува „навистина извонредно искуство“, додавајќи дека напредокот, заедничките постигнувања и професионализмот прикажан со текот на годините „се навистина впечатливи и вредни за признание“. Тој се заблагодари за гостопримството, колегијалноста и пријателството меѓу Армијата и Националната гарда на Вермонт.
Посетата на командантот на Националната гарда на Вермонт во Министерството за одбрана заврши со взаемна размена на подароци со министерот и началникот, како и со одликување на генералот Лафчиски со Медал за истакната служба на Националната гарда на Вермонт, одликување кое се доделува за извонредна поддршка на американската Програма за државно партнерство.