Денеска (3 декември) Државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова се обрати на петтиот состанок на Платформата за дијалог за управување со ризици од катастрофи, во организација на Програма за развој на Обединетите нации (УНДП). На состанокот кој се одржа во Владата се обратија и заменикот министер за внатрешни работи, Астрит Исени, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и постојниот претставник на УНДП, Армен Григоријан.
Државниот секретар Чуповска Ристова порача дека градењето на безбедно општество е континуиран процес, во кој не се опфатени само безбедносните институции и дека тоа не е избор, туку обврска.
„Подготвеноста на државата во целина, во однос на заштитата и зголемувањето на нејзината оперативност, ефикасност и ефективност да одговори на предизвиците, нуди можност за спречување и намалување на последиците од катастрофи. Клучот за изградбата на ваков сеопфатен систем е во добро организирани институции со јасно дефинирани обврски кои заеднички ќе бидат гарант за успешното превенирање, рано предупредување и намалување на последиците од катастрофи. “, рече таа.
Чуповска Ристова се осврна и на улогата на Министерството за одбрана и Армијата во кризни состојби, како и на фактот дека ниту една земја не може сама да се справи со предизвиците, при што им се заблагодари на амбасадорите, како и на сите сојузници од НАТО, партнери од ЕУ и соседните земји кои континуирано придонесуваат во градење на посилни и поотпорни капацитети во нашата држава.