Министерот за одбрана Владо Мисајловски како дел од македонската владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски изминативе неколку дена беше во посета на Соединетите Американски Држави и учествуваше на Самитот на НАТО во Вашингтон. Посетата на САД беше искористена и за остварување средби со високи политички претставници.
Средби се остварија со сенаторката Џин Шахин и сенаторот Том Тилис и членовите на набљудувачката група од Сенатот за НАТО како и со конгресменката Клаудија Тени, копретседавач на македонската група за пријателство во Конгресот и со конгресменот Брендан Бојл.
Мисајловски учествуваше и на работните средби со конгресмените Пит Сешнс, Роберт Адерхолт, Џо Вилсон и Џон Муленар и со поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Барак Обама, генералот Џејмс Џонс и со Ричард Гренел, поранешен директор на американската разузнавачка служба.
Министерот Мисајловски потенцира дека Македонија останува на патот да придонесува кон глобалниот мир и колективната безбедност и заштитата на граѓаните на Алијансата.
На средбите беше потврдена заложбата на македонската влада за стабилно финансирање на одбраната, придонесот во меѓународните операции, поддршката на Украина, како и заложбите за модернизација на Армијата и значително подобрување на воената инфраструктура.
На сите овие средби беше нагласено дека поддршката од САД, но и од останатите сојузници од Европската Унија во наредниот период ќе биде исклучително важна во остварување на стратешките интереси на земјата, владеење на правото, економски напредок и стабилен и безбеден регион.