Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Чуповска – Ристова: Министерството е силно посветено на развојот на човечкиот потенцијал во одбраната

Чуповска – Ристова: Министерството е силно посветено на развојот на човечкиот потенцијал во одбраната

„Човечкиот потенцијал во одбраната е еден од нашите најголеми ресурси и затоа посветено и амбициозно продолжуваме да работиме на вештините на секој службеник во одбраната“, рече државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова на денешната средба (23 јануари) со амбасадорката на Кралството Норвешка акредитирана за нашата земја, Кристин Мелсом и тимот високи претставници од норвешкото Министерство за одбрана и Центарот за интегритет во одбранбениот сектор.
На состанокот Чуповска – Ристова порача дека развојот на службениците во одбраната е еден од трите приоритетни столба поставени од министерот Владо Мисајловски и дека таа дава целосна поддршка на проектот за развој на капацитетите, компетенциите, аналитичките вештини на раководниот кадар во Министерството за одбрана, чија цел е подобрување на процесите на креирање на политики и донесување на одлуки.
Норвешката делегација ги пренесе искуствата од функционирањето на Академијата за државни службеници при Министерството за одбрана на Норвешка, а ја истакна и можноста за примена на дел од наставната содржина на Академијата, за вработените во македонското Министерство за одбрана. Дел од проектот за развој на раководниот кадар во одбраната би биле дваесетина службеници избрани преку систем за селекција кои низ три засебни сесии почнувајќи од април 2025 година би се стекнале со знаења во областа на доброто владеење во одбранбениот сектор, зголемувањето на ефикасноста во одбраната и интегрирањето на клучните вредности како професионализмот, објективноста и отвореноста во сите работни задачи во Министерството.
Тимот од Министерството за одбрана на сојузничка Норвешка беше составен од генералната директорка на секторот за персонална политика, компетенција и правни работи во норвешкото Министерство за одбрана Кјерсти Клабое, директорот за стратешки развој Фридхјоф Согард, а на средбата присуствуваше и норвешкото одбранбено аташе, полковникот Даг-Магне Лунде.
Развојот на соработката со норвешкото Министерство за одбрана е поттикнато и од досегашната успешна соработка помеѓу двете земји и двете институции во градењето интегритет во одбраната.

Мени за пристапност