На 26 март 2026 година, во Центарот за обука за одбрана „Д-р Џозеф Крузел“ во Скопје, успешно се реализираше првиот модул од „Академијата за раководен кадар“, на тема „Потребата од државни службеници – причини и потенцијал за нивно подобрување“.
Целта на обуката беше унапредување на знаењата и вештините на раководниот кадар, со фокус на улогата на службениците во современиот и динамичен административен систем, како и нивната способност да обезбедуваат кохерентни и стручни совети во процесот на донесување одлуки.
Обуката беше организирана од страна на Секторот за образование и обука во Директоратот за управување со човечки ресурси, образование и обука во соработка со експерти од Министерството за одбрана на Кралството Норвешка.
На Академијата учествуваа раководни службеници од повеќе клучни институции, вклучувајќи ги и Министерството за одбрана, како и Министерствата за финансии, за надворешни работи и надворешна трговија и за внатрешни работи. Учеството на високи претставници од различни институции овозможи квалитетна размена на искуства и зајакнување на меѓу-институционалната соработка во креирањето и спроведувањето политики.
Организирањето на Академијата претставува дел од континуираните напори за јакнење на професионалните капацитети на раководниот кадар и унапредување на ефикасноста на институциите, преку современи и интегрирани пристапи во обуката и развојот на човечките ресурси. Обуката беше организирана согласно Календарот за специјализирани обуки за 2026 година кој е составен дел од Планот за школување, обука, стручно оспособување и усовршување и специјализации за 2026 година.