На 7 мај во Центарот за обука за одбрана „Д-р Џозеф Крузел“ во Скопје, се реализираше вториот модул од „Академијата за раководен кадар“, на кој меѓу другото стана збор за развојот на професионалните компетенции во јавниот сектор и процесот на донесување на одлуки.
На обуката учествуваа државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Елена Кузмановска Биондиќ како и високи раководни службеници од повеќе институции, што овозможи конструктивна размена на искуства, различни институционални перспективи и продлабочување на меѓуинституционалната соработка во процесот на креирање и спроведување политики.
Во текот на обуката, учесниците дискутираа за улогата и нивото на професионална амбиција на државните службеници во современата јавна администрација, како и за предизвиците поврзани со балансирањето помеѓу професионалните обврски, одговорностите и очекувањата во процесот на носење одлуки. Преку интерактивни дискусии и анализа на практични случаи, беше овозможена размена на искуства и согледувања за унапредување на лидерските и професионалните компетенции во јавниот сектор.
Обуката беше организирана од Секторот за образование и обука при Директоратот за управување со човечки ресурси, образование и обука, во соработка со експерти од Министерството за одбрана на Кралството Норвешка. Таа се реализираше преку интерактивен пристап, работа во групи и практични вежби, при што норвешките експерти споделија искуства и добри практики поврзани со развојот на современа, професионална и ефикасна државна служба.
„Академијата за раководен кадар“ претставува дел од континуираните активности насочени кон развој на лидерските и професионалните капацитети на раководниот кадар, со цел унапредување на институционалната ефикасност, стратешкото управување и квалитетот на јавната администрација. Реализацијата на обуката е согласно Календарот за специјализирани обуки за 2026 година, кој претставува составен дел од Планот за школување, обука, стручно оспособување, усовршување и специјализации за 2026 година.