Во периодот 04 - 08 мај 2026 година, во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје, се реализираше првиот пилот „Ориентационен курс за стабилизација и реконструкција“, за персоналот во министерството и Армијата, а во рамки на НАТО Цел на способност S1106.
Курсот претставува значаен чекор во зајакнувањето на националните капацитети за учество во операции за стабилизација и реконструкција и претставува резултат на повеќегодишна посветена работа, соработка и развој. Овој курс е резултат континуираниот развој на иницијалниот концепт кој вклучуваше експертски работилници и создавање тим од национални обучувачи и на тесната соработка со Центарот за студии за постконфликтни операции (PCOSC) од Торино и Министерството за одбрана на Република Италија.
Овој прв официјален курс, реализиран од национални обучувачи претставува практична имплементација на НАТО Цел на способност S1106 – Обука на сопствен персонал за стабилизација и реконструкција. Преку неговата реализација, нашата држава прави значаен исчекор во унапредувањето и развојот на националните способности и придонесот кон капацитетите на Алијансата за справување со современите безбедносни предизвици. Со реализацијата на овој курс, Министерството за одбрана продолжува активно да ги развива националните способности и подготвеноста на персоналот за ефективно учество во современи мисии и операции во областа на стабилизација и реконструкција.
Во текот на курсот, учесниците имаа можност да се стекнат со знаења и вештини од повеќе области поврзани со стабилизација и реконструкција, меѓу кои: функциите на стабилизација и реконструкција од перспектива на НАТО, Обединетите нации и Европската Унија; меѓународното хуманитарно право; правните аспекти на операциите; стратешките комуникации; интеркултурната комуникација; реформата на безбедносниот сектор; улогата на недржавните вооружени актери; заштитата на културното наследство; како и безбедносните аспекти и цивилно-воената соработка во оперативна средина.
Активноста се реализираше согласно Планот за билатерална соработка со Република Италија за 2026 година и Планот за школување, стручно оспособување и усовршување на вработените во Министерството за одбрана и Армијата за 2026 година.