Во Центарот за обука за одбрана „Д-р Џозеф Крузел“, на 16 април беше реализирана специјализирана работилница за вработени во Министерството, на тема „Емоционална писменост во деловна комуникација“.
Целта на работилницата реализирана преку предавања, презентации и интерактивни дискусии, беше унапредување на комуникацијата меѓу вработените и јакнење на организациската клима. Во рамките на обуката беа опфатени теми поврзани со емоционалната писменост, препознавање на комуникациски модели и примена на т.н. „трансакциска анализа“. Предавач беше Татјана Атанасовска, советник за грижа за ментално здравје на вработените во Министерството за одбрана.
Дискусиите ја потврдија важноста на емоционалната писменост за ефективна комуникација, подобра соработка и унапредување на работните односи. Емоционалната писменост претставува клучна компетенција која придонесува за поголема самосвест, подобро управување со емоциите и градење на доверба во работната средина.
Обуката беше организирана од Секторот за образование и обука при Директоратот за управување со човечки ресурси, образование и обука, согласно Планот за школување, обука, стручно оспособување и усовршување и специјализации за оваа година.