Во периодот од 21 до 23 април во Домот на Армијата се одржа работилница за градење на отпорност помеѓу националните институции на која фокусот беше ставен на имплементација на седумте основни барања за отпорност кои се вклучени во процесот на одбранбено планирање на НАТО. На работилницата опфатени беа теми како интероперабилноста со НАТО системот за одговорот на кризи, потоа политиките, искуствата и способностите за градење на национална отпорност согласно „пристапот на целата влада“ и барањата за поддршка на земјата домаќин, вреднувани преку домашни, регионални и вежби на Европската команда на САД и НАТО.
На серијата сесии во рамки на работилницата се разговараше и за планирање на капацитетите за отпорност и континуирано унапредување на подготвеноста на македонското општество во доменот на колективната одбрана на НАТО.
На работилницата евидентна беше посветеноста и придонесот што го дава секоја национална институција, засебно и здружени, во градењето на отпорноста на македонското општество, препознавајќи ја потребата од развој во оваа област.
Оваа работилница е дел од серија активности започнати во 2023 година, во рамки на т.н. SSCI (Significant Security Coordination Initiative) иницијативата, реализирани како дел од билатералната соработка со САД, односно Институтот за безбедносно управување и македонското Министерство за одбрана.