Денеска (22 септември) во Охрид, државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова го отвори вториот модул на Регионалниот курс за стратешко лидерство на кој освен високи претставници од Министерството за одбрана и македонската Армија, учествуваат и претставници од Австрија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија.
На отворањето Чуповска – Ристова истакна дека современите предизвици како геополитичката нестабилност, хибридните и сајбер заканите, енергетската безбедност и кризите што ги надминуваат националните граници нè потсетуваат дека соработката, довербата и стратешкото размислување се поважни од кога било.
„Важноста на овој курс оди подалеку од знаењата и искуствата што се споделуваат во текот на овие денови. Таа се гледа и во поврзувањето на луѓе од различни земји и институции, создавањето отворена средина за дијалог, разбирањето на различните перспективи и градењето професионални односи што можат да останат значајни и долго по завршувањето на курсот“, рече државниот секретар.
Следните неколку дена учесниците на курсот ќе се запознаат со повеќе теми меѓу кои и значењето на анализата на стратешката средина, процесот на донесување на одлуки, поврзаноста на стратешкото лидерство со стратешките комуникации и кризната комуникација и работењето со медиумите.
Регионалниот курс за стратешко лидерство е инициран во рамките на Одбранбениот самит за Западен Балкан, одржан во Грац, Австрија во 2018 година. Курсот претставува платформа за развој на регионалната соработка и воспоставување на поблиски контакти помеѓу институциите во државите од регионот.