Стратешките одбранбени документи се водилка за унапредување, адаптација и развој на одбранбените капацитети, способности и оперативната подготвеност на македонската Армија кон актуелните и идните безбедносни предизвици. Министерството за одбрана, во изминатиов период го започна процесот за изработка на новиот Стратешки одбранбен преглед (СОП) што претставува значаен чекор во долгорочниот развој и модернизација на одбранбениот систем, во согласност со националните одбранбени приоритети, современите безбедносни предизвици и обврските што произлегуваат од членството во НАТО.
Во периодот од 30 октомври до 5 ноември, во работна посета на Министерството за одбрана престојуваат двајца експерти од Обединетото Кралство, полковник Мет Рендал и Холи Кембел, кои со својата експертиза и искуство дадоа поддршка на процесот на изработка на новиот СОП, еден од клучните стратешки документи во областа на одбраната.
За време на посетата, британските експерти одржаа серија работни состаноци и консултации со работната група задолжена за изработка на документот, на кои го споделија своето знаење, искуство и стручно мислење. Преку размена на искуства, споделување на најдобри практики и современи методологии, експертите дадоа придонес во процесот на подготовка на новиот Стратешки одбранбен преглед, кој ќе ги дефинира идните одбранбени приоритети, потребните способности и насоките за понатамошен развој на одбранбениот систем.
Во насока на поддршка на отпочнатиот процес на изработка на новиот Стратешки одбранбен преглед, на 30 октомври британските експерти остварија средба и со државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова на која беше разговарано за значењето на новиот Стратешки одбранбен преглед во контекст на актуелните и идните безбедносни предизвици. На средбата беше истакната важноста на искористувањето на британското искуство и експертиза во овој процес, како и придобивките од соработката и размената на знаења со сојузниците.