Заменикот министер за одбрана Адмир Шабани денеска (30 јуни) се обрати на свеченоста пред Командата на Балканските медицински наменски сили (БМНС), организирана по повод примопредавање на претседавањето со Управниот одбор на БМНС, примопредавање на должноста Командант на БМНС, како и примопредавање на позицијата „рамковна земја“ на БМНС. Со оваа свеченост, земјава го превзема командувањето со БМНС и позицијата „рамковна земја“, додека претседавањето со Управниот одбор го превзема Словенија. На свеченоста присуствуваше и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Во обраќањето, заменикот-министер истакна дека Балканските медицински наменски сили се доказ дека ако една е идеја заснована на доверба, партнерство и заедничка одговорност, таа може да прерасне во успешен и препознатлив модел на регионална соработка.
„Во време кога безбедносните ризици стануваат сè покомплексни, а природните катастрофи, здравствените кризи и хуманитарните предизвици не познаваат државни граници, ниту една земја не може сама да ги изгради сите потребни капацитети. Токму затоа Балканските медицински наменски сили претставуваат пример како преку здружување на знаењето, ресурсите и способностите можеме да изградиме систем кој е посилен од збирот на неговите поединечни делови“, рече Шабани.
Тој додаде дека фактот дека нашата земја е домаќин на Постојаната организација претставува признание и доказ за нашата улога како доверлив партнер, како држава која верува во дијалогот, соработката и заедничките решенија, а се осврна и на преземањето на функцијата командант на БМНС, како чин од особено значење за македонската Армија.
„Ова не е само чест. Ова е голема одговорност. Одговорност да продолжиме да ги развиваме мултинационалните медицински способности, да обезбедиме квалитетна обука, современа опрема, интероперабилност и висока подготвеност на единицата за сите мисии и задачи што можат да произлезат во иднина. Убеден сум дека нашите професионалци ќе ја оправдаат довербата што им е укажана и ќе придонесат за понатамошното зацврстување на Балканските медицински наменски сили како респектабилен регионален капацитет, целосно усогласен со стандардите на НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации“, рече заменикот-министер.
На свеченоста се обратија и досегашниот и новопоставениот командант на БМНС, полковникот Вељко Милиќ и полковникот Драганчо Војнески.
Полковникот Милиќ порача дека денес БМНС е меѓународна организација со дипломатски статус, чиј „централен оперативен капацитет е Полската болница од ниво РОЛ 2Б, составена од најмногу 100 припадници, високо квалификувани и посветени медицински професионалци од шесте земји учеснички.“
Полковникот Војнески, пак, укажа на угледот, достигнувањата и стратешкото значење што оваа организација ги изгради во текот на изминатата деценија. Додаде дека досегашното искуство покажува дека предизвиците со кои денес се соочуваме можат да се надминат единствено преку единство, координација и заедничка посветеност.
На свeченоста се обрати и амбасадорката на Норвешка, Кристин Мелсом која порача дека земјата активно да го поддржува развојот капацитетите и интероперабилноста на БМНС.
Денеска беа одбележани и два значајни јубилеи – 15 години од покренувањето на иницијативата за формирање на БМНС и 10 години од воспоставувањето и отворањето на Постојаната организација на БМНС со седиште во Скопје, а беа доделени и плакети на лицата заслужни за развој на оваа иницијатива во изминатиот период.