Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мисајловски на затворањето на Регионалниот специјализиран квалификациски курс за К9 единици: Армијата е не само гарант на одбраната, туку и активен партнер во зајакнувањето на безбедноста

Мисајловски на затворањето на Регионалниот специјализиран квалификациски курс за К9 единици: Армијата е не само гарант на одбраната, туку и активен партнер во зајакнувањето на безбедноста

Денеска (26 јуни) министерот одбрана Владо Мисајловски присуствуваше и се обрати на затворањето на Регионалниот специјализиран квалификациски курс за К9 единици, организиран во реонот на Лазарополе од Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ. На затворањето се обратија и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, како и амбасадорот на ОБСЕ, Килиан Вал.

Во своето обраќање министерот изрази благодарност до Мисијата на ОБСЕ за континуираната поддршка за развој на националните безбедносни капацитети и нагласи дека овој курс претставува пример за градење безбедност во современи услови на сложени геополитички предизвици.

Мисајловски додаде дека здружувањето на знаењето, ресурсите и капацитетите на повеќе институции е повеќе од неопходно, доколку се сака одржлива безбедност.

„Министерството за одбрана и Армијата со задоволство дадоа свој придонес во оваа обука. На курсот учествуваа пет припадници на Армијата, меѓу кои инструктори, водачи на службени кучиња од Воената полиција и специјалисти од Центарот за одгледување и дресура на службени кучиња, заедно со две специјално обучени кучиња за откривање оружје, муниција и минско-експлозивни средства. Нивното учество претставува потврда дека Армијата е не само гарант на одбраната, туку и активен партнер во зајакнувањето на безбедноста преку соработка со сите релевантни институции“, рече тој.

Министерот за внатрешни работи, Тошковски, порача дека современите безбедносни закани сè повеќе ги надминуваат националните граници и дека ниту една држава не може самостојно да се справи со предизвиците поврзани со организираниот криминал, нелегалната трговија со оружје и криумчарењето дрога. Визијата на министерството, рече, е „континуирано унапредување на капацитетите на К9 единиците и нивно позиционирање како еден од клучните сегменти во регионалниот систем на безбедност.“

Амбасадорот на ОБСЕ, Вал, истакна дека „овој курс е за практична безбедност за регионот и Европа. Подобро обучени полициски сили значат помалку нелегално оружје на улиците и придонес кон безбедноста на сите луѓе.“

Мени за пристапност