Денеска, (17 октомври) во кумановската касарна „Боро Менков“ министерот за одбрана Владо Мисајловски присуствуваше на одбележувањето на денот на Командата за операции, најголемата команда во рамките на македонската Армија. На воената свеченост присутен беше и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Во своето обраќање, министерот Мисајловски рече дека „припадниците на Командата секојдневно покажуваат професионалност, мотивираност и посветеност“, додавајќи дека најголем дел од нив го зајакнуваат источното крило на Алијансата во мултинационалните сили во Романија, Бугарија и Латвија и вклучени се во справувањето со последиците од елементарните непогоди во земјава.
„Оваа одговорност вие ја исполнувате во целост, оправдувајќи ја нашата целосна доверба…а, ние постоиме за да ви ги овозможиме најдобрите услови и најмодерната опрема“, рече министерот. Информираше дека одбранбениот буџет ќе продолжи да расте, а значителен дел од овие средства е наменет за модернизација и опремување. „Го заслужувате тоа!“, им порача министерот на припадниците на Командата.
„Продолжуваме следната година и наредните години со уште позасилено темпо да обезбедуваме повеќе средства и да обезбедуваме многу проекти за модернизација за сите вас“, заклучи министерот.
Генералот Лафчиски, пак, истакна дека Командата за операции претставува столб на Армијата, потенцирајќи ја нејзината примарна мисија, непрекинато да ги подготвува конвенционалните копнени и воздухопловни сили за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и независноста на татковината.
Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, командант на Командата за операции, нагласи дека во годината кога одбележуваме пет години од полноправното членство во НАТО, сведоци сме на забрзана модернизација на Армијата, со што даваме соодветен придонес кон напорите на Алијансата за создавање на капацитети во функција на одвраќање од потенцијално загрозување на суверенитетот и безбедноста не само на нашата држава, туку и на било која членка на НАТО.
Во рамките на свеченоста за најдобра единица беше прогласен Извидувачко-разузнавачкиот баталјон.