Денеска (21 ноември) во Министерството за одбрана, министерот Владо Мисајловски се сретна со новоименуваната нерезидентна амбасадорка на Канада, Н.Е Мишел Камерон на која ѝ посака успешна дипломатска мисија и плодна сојузничка соработка. На средбата присуствуваше и канадското одбранбено аташе, полковникот Доналд Хилтон.
Министерот Мисајловски истакна дека нашата земја останува посветена на одбранбената соработка со сојузничка Канада, која датира од далечната 1999 година.
„Делата зборуваат за нашата соработка. Веќе следната недела на македонско тло ќе започне вежбата ‘Maple Arch 2024’ која вклучува и персонал од канадските вооружени сили“, истакна министерот. Тој се заблагодари за долгогодишната канадска поддршка која е особено видлива во доменот на јазичните обуки. Досега на триста воени и цивилни лица од одбраната минале низ голем број на обуки во оваа сојузничка земја.
Двете земји соработуваат и во рамките на мултинационалните сили на НАТО во Латвија под команда на Канада, а во чии рамки свој придонес дава и македонски контингент. Министерот Мисајловски потврди дека земјата ќе продолжи да придонесува во овие мултинационални сили и по 2024 година.
Мисајловски на средбата подвлече дека за нашата земја приоритет е процесот на модернизација за кој се одвојува речиси една третина од одбранбениот буџет, кој, пак, го надмина нивото од 2 проценти од бруто-домашниот производ.