Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Поставен камен-темелник на нова спортска сала на Воената академија

Поставен камен-темелник на нова спортска сала на Воената академија

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, заедно со Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска го означија почетокот на изградба на нова повеќенаменска спортска сала за потребите на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и македонската Армија.

 

На настанот министерот Владо Мисајловски се заблагодари за соработката со Министерството за спорт и за поддршката од Владата истакнувајќи дека ова е првата инвестиција во нов објект на Воената академија после 30 години постоење.

 

„После 30 години тука во Воената Академија се започнува со нов објект кој навистина ќе значи и за питомците и за студентите но и за целата Армија. Не застануваме тука ќе продолжиме со многу други проекти “, рече министерот Мисајловски и додаде дека на последната седница на Владата е донесена одлука за реконструкција, односно проекти за Домот на АРМ и хотелот „Шар“ на Попова Шапка.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски нагласи дека овој спортски објект кој првенствено ќе го користи армијата, ќе биде од отворен тип.

 

-Оваа спортска сала ќе ја користат питомците од Воената академија, армијата, но ако има слободни термини таа ќе биде отворена и за спортски активности на ученици и граѓани од општина Аеродром. Иако рокот за изградба е две години, министерот Ристовски е оптимист дека салата ќе биде готова и догодина ќе може да ја пуштиме во употреба – изјави Мицкоски.

 

– Поставувањето на камен-темелникот за новата спортска сала претставува и симболичен и суштински чекор кон подобрување на условите за физичка подготовка на питомците од Воената академија. Оваа сала не е само спортски објект туку и училиште каде што ќе се негуваат дисциплината, тимската работа – вредности кои се подеднакво важни и за спортот и за воената служба. Како Министерство за спорт, остануваме целосно посветени на создавање современи, функционални и достапни услови за спортување – потенцираше Ристовски

 

Овој проект е резултат на воспоставената соработка и потпишаниот меморандум меѓу Министерството за спорт и Воената академија, со цел унапредување на спортските активности во рамките на образованието и обуката на воените питомци.

 

Во рамки на новата сала – повеќенаменски објект, ќе има и трибина за 400 лица, подтрибински простор и соблекувални. Инвеститор е Министерството за спорт, а вредност на овој објект изнесува 64.780.000,00 денари со рок за изградба од 2 години од воведот во градба.

Мени за пристапност