По повод најголемиот македонски празник „2-ри Август – Илинден“, упатувам искрени честитки до припадниците на Армијата, вработените во Министерството за одбрана и до сите граѓани.
Ова е денот кога се потсетуваме на голем број револуционери и борци за независна Македонија, кои со својата жртва испишаа страници од македонската историја.
Ова е денот на Илинденско востание и првата Република на Балканот, но и на АСНОМ и Народноослободителната борба.
Ова е денот кој е светилник на нашата борба за сопствена држава, синонимот на нашето постоење, на нашиот непокор!
Денот кој е симбол на нашата голема победа!
Затоа, во знак на благодарност за сите знајни и незнајни херои од нашата историја кои ги поставија темелите врз кои опстојува нашата денешна Македонија, наша должност е да го почитуваме и да го славиме овој голем ден!
Наша обврска е и да се обединиме околу заедничките желби за напредок и успешност на Македонија, да продолжиме да работиме посветено на изградба на модерно просперитетно и европско општество.
Нека ни е честит и вековит Денот на Републиката – 2ри Август, Илинден!
——————————–
По повод денешниот празник министерот за одбрана, Владо Мисајловски заедно со Заменик претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и министерот за правда Игор Филков положија венец со свежо цвеќе во Меморијалниот центар во Пелинце посветен на Првото заседание на АСНОМ.
На спомен обележјето Мечкин камен во Крушево венец со свежо цвеќе положи делегација предводена од началникот Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Делегации од Министерството за одбрана и Армијата положија венци со свежо цвеќе на спомен обележјата на првиот Претседател на президиумот на АСНОМ, „Методија Андонов Ченто“, споменикот на „АСНОМ“ и пред споменикот на Никола Карев пред македонското собрание во Скопје и на гробот на Никола Карев, споменикот „Слива“ и на Мечкин Камен во Крушево.