Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (18 август) во Кампот за обука на вода во Охрид се обрати на централната свеченост со која се одбележува Денот на Армијата, 18. Август. Во своето обраќање пред претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска – Давкова, министерот истакна дека „Армијата е чувар на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата“, но истовремено и столб на стабилноста, доверлив партнер на институциите и сила која е секогаш подготвена да му служи на народот и на татковината.
Во продолжение е целосниот говор на министерот Мисајловски на централната свеченост по повод Денот на Армијата:
„Нека ни е честит Денот на македонската Армија, 18. Август – ден кога со гордост се навраќаме на нејзината традиција, но истовремено одговорно гледаме кон иднината – со сите нејзини предизвици.
Од ова место првенствено им оддавам признание на сите генерации припадници на македонската Армија и вработени во одбраната кои во сите овие изминати години ја граделе оваа институција и системот на одбраната. Секој еден од нив, со својата професионалност и посветеност придонесува кон мозаикот кој ни овозможува јасно и гласно да кажеме – Македонија е безбедна и стабилна држава. Во време исполнето со глобална несигурност, Армијата и одбраната се столбот, кој како држава нè држи исправени – стабилни и безбедни. Затоа, денешниот ден првенствено им припаѓа на македонските војници, а потоа и на сите граѓани, кои покажуваат дека Армијата ја ценат и ја почитуваат во целост.
Често велиме: „Армијата е чувар на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата“. Но, во суштина е многу повеќе од тоа. Македонската Армија е столб на стабилноста, доверлив партнер на институциите и сила која е секогаш подготвена да му служи на народот и на татковината!
Имајќи го предвид местото и улогата на Армијата во македонското општество, како министер за одбрана имам една цел – одбраната и Армијата секој изминат ден да бидат посилни, помотивирани, подобро опремени. Токму затоа наскоро ќе имаме нов подобар Колективен договор, ново решение кое ќе биде во прилог на професионалните војници со навршени 45 години и од оваа говорница да најавам зголемување на платите и подобри услови за работа од следната година.
Македонската Армија и нејзините припадници, мора да имаат модерно и софистицирано вооружување и лична опрема што ќе биде гарант на нејзината подготвеност и одговор на предизвиците.
Со задоволство ќе кажам – процесот на модернизацијата на Армијата се реализира согласно сите наши планови. Пристигната е бројна опрема – оклопните возила JLTV и Stryker, артилериските системи Боран, најголемиот дел од системите за противвоздушна одбрана Mistral 3, а годинава ги очекуваме и првите два нови хеликоптери. Со европска поддршка Армијата доби современи радари, термални камери, инженерска механизација, транспортни возила, медицински симулатори и многу други видови на опрема која ја засили нашата борбена готовност.
Потпишавме нови договори со САД за набавка на лесно пешадиско вооружување, на беспилотни системи, на системи за противоклопна борба, на опрема за сајбер заштита на единиците за Лесната пешадиска баталјонска група и на Министерството за одбрана, опрема за воздухопловна поддршка, радио уреди, како и надградба на симулацискиот центар во Велес.
Набавуваме значајна опрема, но не забораваме ниту на личната опрема за армиските припадници. Предизвиците за набавка на нови униформи, чизми итн. за македонските војници се минато. Сега редовно тоа се набавува.
Повеќе од јасно е дека конвенционалното војувањето е променето и за да се биде подготвен за одговор потребно да се направи адаптација за одвраќање и одбрана. Во моментов заедно со Генералштабот како највисок стручен орган и со нашите сојузници работиме на новите стратешки документи кои ќе ни дадат насоки за натамошен развој на одбранбените капацитети.
Ја модернизираме Армијата, но истовремено ги подобруваме и условите во кои работат нашите војници. Изминатиот период јавноста одблиску се запозна со инфраструктурните зафати низ повеќе касарни, вклучувајќи ги и касарните во Ќојлија, Велес, Прилеп, Штип итн. Над 12 милиони евра се предвидени да бидат инвестирани во инфраструктурата во следниот период, а досега инвестициите тежат над 3,1 милиони евра.
Дополнително она што би сакал во овој момент да го истакнам е дека работиме на ставање во функција на Центарот за обука на пилоти кој цели 10 години беше тотално нефункционален. Овој Центар е од особена важност за воздухопловната компонента на Армијата, но и за останатите државни институции. Како поддршка на ова се и чекорите кои ги презема Воената академија која предвидува катедра за Воено воздухопловство и Против воздушна одбрана.
Сакам да истакнам дека во следниот период продолжуваме со уште позасилено темпо да ја развиваме Армијата – со уште повеќе набавки на секаков вид опрема, со силни инвестиции во инфраструктурата на Армијата, со повеќе вежби и повеќе обуки.
Затоа сакам лично да му се заблагодарам на премиерот Мицкоски бидејќи сето тоа што го наведов е поради тоа што оваа Влада ја препозна потребата од силни инвестиции во одбраната. Нашиот буџет во континуитет расте, а инвестициите кои се опфатени за проекти и активности поврзани со одбраната, вклучувајќи го и развојот на инфраструктурата и унапредување на воената мобилност сѐ се поголеми. На тој начин ја зацврстуваме нашата безбедност, безбедноста на регионот и на источното крило на НАТО, но истовремено покажуваме дека сме кредибилен и доверлив сојузник во рамки на Алијансата.
Оваа констатација не произлегува само од растот на одбранбениот буџет кој заедно со инвестициите во активностите поврзани со одбраната годинава достигна над 4 проценти од БДП, туку и од нашиот личен придонес кон безбедноста на евроатлантската област. Македонски војници и денеска ги извршуваат своите задачи – во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, во Бугарија и во Романија, во мисијата на Алијансата на Косово, КФОР, во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, како и во мисијата на ОН во Либан. Ним им се заблагодарувам и им честитам за покажаниот професионализам пред своите колеги.
Почитувани присутни,
На крајот, сакам да им се заблагодарам на претседателката за нејзината огромна поддршка што ни ја дава сиве овие години, да се заблагодарам на професионалците во министерството, Генералштабот, Воената академија, но и на пратениците, експертите, на сите оние кои придонесуваат заеднички да го зајакнеме македонскиот одбранбениот систем.
Ќе продолжам да работам заедно со нив, затоа што нивниот успех е наш успех. Успех на државата, успех на граѓаните.
Благодарност и до началникот на Генералштабот, до сите генерали, до сите припадници на Армијата, и посебно до моите колеги во Министерството за одбрана. Заедно, во синергија работиме на многу проекти, и ќе го покажеме она што сме – најдобрата и најорганзираната институција во државата.
Нека ни е честит Денот на Армијата – 18. Август. Да живее Армијата! Да ни е вечна Македонија!
Ви благодарам. “