Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мисајловски најави десет процентно зголемување на платите во Армијата и одбраната, доказ за посветеноста на Министерството кон вработените

Мисајловски најави десет процентно зголемување на платите во Армијата и одбраната, доказ за посветеноста на Министерството кон вработените

Денеска (3 ноември) на прес-конференција министерот за одбрана Владо Мисајловски најави десет-процентно зголемување на платите на сите припадници на македонската Армија и вработените во одбраната од јануари следната година. Зголемувањето на платите, рече министерот, е „историски чекор, историско најголемо зголемување во апсолутна вредност.“

„Ако заеднички работиме може да има одлични резултати. Во просек платата би се зголемила од 4.000 до 11.000 денари, што е во апсолутна вредност историски најмногу до сега. Ќе продолжиме со работа, продолжуваме со многу проекти, продолжуваме со социјален дијалог“, истакна министерот.

Мисајловски се заблагодари на премиерот Мицкоски, министерката за финансии Димитриеска – Кочоска и колегите министри во Владата за нивната поддршка која овозможува одбраната да стане „една од најдобрите институции во државата.“ Министерот упати честитки до припадниците на Армијата и вработените во одбраната, за кои, рече, го заслужуваат ова покачување.

Потпретседателот на Независниот синдикат на одбраната, Синиша Станчевски, истакна дека синдикалниот дијалог дава резултати и дека како репрезентативен синдикат горди се на достигнувањата во изминатиот период.

„Со помош на министерот и премиерот успеавме да овозможиме 10-процентно зголемување на примањата од 1-ви јануари. Исто така, успеавме на [професионалните војници] кои наполнуваат 45 години старост да им овозможиме достоинствено да останат во Армијата. Овие реформи не би можеле да бидат без залагањето на министерот и мислам дека со вакво работење ќе успееме да имаме и подобри достигнувања“, рече Станчевски.

Аднан Алити од Независниот синдикат на професионални војници, пак, порача дека станува збор за „историски чин.“ Алити додаде дека покачувањето на платите и реформата која опфаќа можност за продолжување на работниот однос на професионалните војници во рамките на Армијата, се две значајни придобивки, како и дека во моментов се работи на новиот Колективен договор со кој вработените ќе уживаат уште поголеми права.

Министерот Мисајловски и синдикалните претставници најавија дека дијалогот продолжува и дека фокусот на одбраната остануваат вработените како капацитет кој овозможува безбедност и сигурност.

Мени за пристапност