Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мисајловски на Денот на Логистичката база: вие сте значаен дел од системот и есенцијален елемент за функционалноста на Армијата

Мисајловски на Денот на Логистичката база:  вие сте значаен дел од системот и есенцијален елемент за функционалноста на Армијата

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (20 мај) во касарната „Илинден“ присуствуваше и се обрати на свеченоста по повод Денот на логистичката база за која рече дека е „значаен дел од системот и есенцијален елемент за функционалноста на Армијата.“

Мисајловски пред припадниците на Логистичката база рече дека успешноста на активностите кои припадниците на Армијата ги изведуваат се должи на Логистичката база и на припадниците кои овозможуваат ефикасна, организирана и функционална логистика.

 „Логистиката отсекогаш била столб на успешноста на сите воени единици и за тоа сакам од срце да ви честитам. Фактот дека вие ја координирате поддршката за сојузничките сили кои транзитираат низ нашата земја и дека давате логистичка поддршка за реализација на најголемите вежби кои го одбележаа периодов, меѓу кои и вежбата ‘Блесок 26’ на која сме исклучително горди, го покажува вашето суштинско место во системот на одбраната“, рече Мисајловски. 

Министерот укажа и на довербата која граѓаните ја имаат во Армијата, благодарение на поддршката од Логистичката база при справување со природни непогоди и кризни состојби. 

„Вашата поддршка во справувањето со големите природни непогоди и кризни состојби, вашата поддршка во реализацијата на активностите на разни организации и здруженија, овозможува Армијата да биде со своите граѓани и да им служи како столб на кој можат да се потпрат во секакви ситуации“, подвлече тој.

Во своето обраќање, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин истакна дека Логистичката база претставува клучен сегмент во системот на поддршка на Армијата, нагласувајќи дека без ефикасна и навремена логистика нема успешна реализација на ниту една задача, вежба или операција.
 
Командантот на Логистичката база, полковник Мухарем Мухареми, нагласи дека „логистиката не е само поддршка, таа е крвоток на секоја воена организација – невидлива сила што овозможува движење, снабдување, одржување и функционалност во секој момент и во секоја ситуација.“
 
На свеченоста присуствуваше и заменикот министер за одбрана, Адмир Шабани. 

Логистичката база го одбележува 20 Мај во спомен на Разловечкото востание од 1876 година, кога започнале првите организирани логистички подготовки поврзани со востанието. Со одлука на претседателот и врховен командант на Армијата, овој датум е определен за Ден на Логистичката база.

Мени за пристапност