Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерот Мисајловски од средбата со лорд Стјуард Пич: време е да ја разгледаме можноста за стратешко партнерство помеѓу нашите две сојузнички земји

Министерот Мисајловски од средбата со лорд Стјуард Пич: време е да ја разгледаме можноста за стратешко партнерство помеѓу нашите две сојузнички земји

Денеска (16 декември), министерот за одбрана Владо Мисајловски во просториите на Министерството се сретна со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуард Пич, британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон и заменикот началник на штаб во Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, генерал – мајор Џон Кларк. На средбата присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Британско-македонската одбранбена соработка е една од најсилните и највидливите, рече министерот на средбата и додаде дека „сега е време да размислуваме за можноста оваа наша соработка да ја издигнеме на ниво на стратешко партнерство“.

Мисајловски порача дека одбранбената соработка помеѓу двете земји е особено видлива во развојот на најголемиот македонски полигон за обука, „Криволак“, каде беа реализирани голем број на заеднички вежби, а со поддршка од Обединетото Кралство беа поставени и 14 комплексни мобилни единици кои ја зајакнаа обуката на македонските и сојузничките сили.

„Во време на нарушена безбедност на европскиот континент, од исклучителна важност е сојузниците во НАТО да се поддржуваат меѓусебно и заедно да се развиваат. Сета досегашна македонско – британска одбранбена соработка ја имаше токму таа цел“, рече министерот.

Македонско – британската одбранбена соработка датира од далечната 1995 година кога беше потпишан првиот Меморандум за разбирање помеѓу двете земји. Обединетото Кралство освен со споменатите комплексни мобилни единици, развојот на „Криволак“ го поддржа и со донација на електронски мети кои веќе се користат во процесот на обука на овој армиски полигон.

Мени за пристапност