Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (30 јуни) во Министерството оствари средба со командантот на Сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот Алексус Гринкевич кој е во неколкудневна посета на земјава.
На средбата, министерот Мисајловски изрази задоволство од одличната соработка со Сојузничката команда за операции укажувајќи на тоа дека припадниците на македонската Армија ќе продолжат да даваат и личен придонес кон безбедноста на источното крило на Алијансата како дел од мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија. На средбата министерот се осврна и на инвестициите во одбраната, како и развојот на Армијата.
„Ги зацврстуваме капацитетите на Армијата, а со тоа и на колективната безбедност на Алијансата. Инвестираме во процесот на модернизација и опремување, кој паралелно со нашиот влог во развојот на припадниците на Армијата ни овозможи Лесната пешадиска баталјонска група неодамна да ја добие и оценката ‘борбено способни за извршување на мисијата’ согласно највисоките стандарди на НАТО“, рече министерот на средбата и додаде дека земјава останува да биде кредибилен и доверлив сојузник во Алијансата.
На средбата со генералот Лафчиски се разговараше за актуелната безбедносна состојба во зоната на операции на Алијансата, за процесот на опремување и модернизација на Армијата, како и за актуелниот придонес со сили и средства во рамките на поддршката на регионалните планови за одбрана на Алијансата, чиј важен дел е и нашата држава.
Во рамки на посетата генералот Гринкевич оствари средба и со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, а ќе се сретне и со претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова.
Командантот на Сојузничките сили на НАТО за Европа ја има севкупната команда над сите операции на НАТО на стратегиско ниво. Своите должности генералот Гринкевич ги извршува од седиштето на Врховната команда на сојузничките сили во Европа (SHAPE) во Монс, Кралството Белгија. Генералот Гринкевич, воедно ја извршува и должноста Командант на Европската команда на САД, чие седиште се наоѓа во Штутгарт, СР Германија.