Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерот Мисајловски на одбележувањето на Денот на Баталјонот за специјални сили: Продолжете гордо и посветено да го покажувате вистинскиот лик на македонската Армија

Министерот Мисајловски на одбележувањето на Денот на Баталјонот за специјални сили: Продолжете гордо и посветено да го покажувате вистинскиот лик на македонската Армија

Денеска (28 февруари) министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал – мајор Сашко Лафчиски во касарната ,,Илинден“ во Скопје, присуствуваа на воената свеченост со која беше одбележан Денот на Баталјонот за специјални сили, специјална единица во состав на Армијата позната како „Волци“.

 

Министерот Мисајловски во своето обраќање им се заблагодари на припадниците на единицата за нивниот професионализам, посветеност, пожртвуваност и патриотизам кој е инспирација особено за младите кои сакаат да се приклучат на Армија.

 

„Вие со сето ова, ја искажувате огромната љубов кон својата татковина, Македонија… Не само што од вас зрачи професионализам, од вас зрачи подготвеност и континуирано, преку секојдневните обуки сте подобри и поефикасни. Во тоа се гледа и вашата големина. Неуморно да работите на себе си и на сопствените вештини кои се во служба на безбедноста на секој еден граѓанин“ рече Мисајловски и додаде дека припадниците на специјалната единица се најдобри, најспособни, најобучени, што е потврдено при секое оценување.

 

Началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Лафчиски во своето обраќање оддаде јавно признание на сите поранешни припадници за нивната работа и придонес со кој се овозможи градење на единицата и истакна дека да се биде и остане на врвот не е лесна задача.

 

„Вие сте прва единица која ги постави темелите за имплементација на НАТО стандардите, прва единица од Армијата одликувана со орден за воени заслуги, прва единица која своето знаење безрезервно го дели со останатите во Армијата и партнерските држави…. Да се биде прв е престиж, но да се биде прв и да се остане прв е ваша обврска и ваш аманет“, истакна генералот Лафчиски и им порача да останат верни на професијата и искрени кон себе и кон единицата.

 

Командантот на Баталјонот за специјални сили потполковник Благој Наумов истакна дека единицата составена од избрани, храбри и силни припадници е столб на слободата, сувереноста и територијалниот интегритет и дека била и ќе остане расадник на квалитетни кадри за што покажува и факто дека од неа се произлезени многу команданти, генерали, функционери и лидери на раководни позиции.

 

„Продолживме по патот што беше започнат од нашите претходници, се надоградуваме се усовршуваме и сега може да се каже дека гордо стоиме рамо до рамо со нашите НАТО партнери, притоа чувајќи ги вистинските национални вредности“, рече потполковник Наумов.

 

На денешната свеченост бСС додели плакета за „30 годишна соработка со Армијата на САД“ на Канцеларијата за соработка во одбраната на САД (ODC), како и плакети на министерот за одбрана и НГШ на Армијата. По повод Денот на единицата беа доделени стимулативни мерки за припадниците на единицата кои што се истакнале во работата изминатиот период.

 

На свеченоста присуствуваа и Заменик Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал мајор Азим Нуредин, генерали од Армијата, поранешни команданти на единицата, Команданти на едниците од МВР и други гости.

Мени за пристапност