На денешниот настан присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски кој го отвори турнирот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, претседателот на Здружението „Херои на Македонија 2001-2015“, Владо Стојановски, претседателите на репрезентативните синдикати на одбраната и на полицијата, како и членови на семејствата на загинатите бранители.
Во своето обраќање пред присутните, министерот Мисајловски ја нагласи жртвата која ја дадоа бранителите за Македонија, притоа не прашувајќи колку е потребно и додаде дека споменот кон бранителите нема да биде заборавен, а нивната жртва за татковината секогаш ќе се негува.
„Меморијалниот турнир што го отвораме денеска е посветен на луѓе кои во клучни моменти за државата не прашуваа колку е тешко, туку колку е потребно. Бранителите од 2001 година и загинатите припадници на безбедносните сили во 2015 година ја извршуваа својата задача професионално, дисциплинирано и со целосна свест за ризикот што го преземаат. Тие не бараа признание, тие ја прифатија одговорноста.“, нагласи министерот Мисајловски.
Претседателот на здружението „Херои на Македонија 2001-2015“, Владо Стојановски кажа: „Тие застанаа во одбрана на својата татковина, бранејќи го суверенитетот и интегритетот на Македонија, несебично ги дадоа своите животи, згаснаа млади сили, но секогаш ќе останат запаметени и вечно ќе живеат во колективната свест на македонците.“
Свое обраќање имаше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна:
„Нивната жртва не е само дел од историјата, таа е вградена длабоко во темелите на македонската државност. Тоа е жртва која не обврзува, жртва која не учи дека слободата, безбедноста и мирот, не се дадени туку се вредности кои се бранат со храброст, со чест и со највисока лична цена. Нивното дело живее и ќе живее како завет и пример во професионалното и етичко постапување на секој припадник на безбедносните институции.“
На денешниот Меморијален турнир учествуваат 16 екипи од припадници на Армијата, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, кои со своето присуство и спортски ангажман испратија јасна порака дека македонските бранителите кои ги положија своите животи во одбрана на татковината никогаш нема да бидат заборавени.