Македонско-холандските одбранбени односи се во нагорна линија, а доказ за тоа е неодамна потпишаниот План за билатерална соработка кој предвидува реализација на активности во повеќе полиња како заеднички вежби и обуки на армискиот полигон „Криволак“, поддршка и соработка во полето на воената медицина, заедничка иницијатива за конференција за резолуцијата 1325 – Жени, мир и безбедност и други.
На неодамна одржаната средба помеѓу директорот за меѓународна соработка во Министерството за одбрана, Крсте Малинковски и холандското одбранбено аташе, потполковникот Јурген Флајшман кога беше и потпишан споменатиот План, истакната беше заложбата од двете сојузнички земји за развој и засилување на одбранбената соработка која бележи нагорен тренд во континуитет. Малинковски истакна дека пример за посветеноста на Кралството Холандија е и назначувањето на резидентно одбранбено аташе во земјава.
Македонско – холандската соработка во одбраната датира од 1997 година, кога беше потпишан Меморандум за разбирање.