На 12 август во Домот на Армијата за првпат беше реализиран информативен брифинг за припадниците на Армијата кои ќе бидат упатени во хуманитарни или мировни операции и за членовите на нивните семејства, врз основ на Програмата за поддршка на семејствата.
Целта на овој брифинг е запознавање со оваа Програма односно видот на поддршка и начинот на остварување на истата.
За Министерството за одбрана и Армијата од висок национален интерес е припадниците на Армијата кои се упатуваат во мировните мисии да покажат максимална подготвеност и ефикасност во извршување на тешките и комплексни задачи. Но, истовремено, наша цел и императив е семејствата директно да ја почувствуваат грижата од страна на Министерството и Армијата за време на периодот на отсуството на мировниците.