На 24 ноември 2026 година, во Центарот за обука за одбрана „Д-р Џозеф Крузел“ беше потпишана Изјава за намери помеѓу Министерство за одбрана - Центарот за обука за одбрана „Д-р Џозеф Крузел“ и Центарот за студии за постконфликтни операции на италијанската Армија од Торино, Италија со што се потврдува заедничката определба за натамошно продлабочување на билатералната соработка во областа на обуката, со посебен акцент на развојот на националните капацитети за подготовка и спроведување обуки од областа на стабилизацијата и реконструкцијата.
Изјавата за намери претставува рамка за долгорочна соработка, која ќе овозможи развој и реализација на заеднички обуки, размена на експертиза и искуства, како и натамошно зајакнување на националните капацитети за подготовка на персонал во оваа област. Тоа влијае и на исполнувањето на НАТО – целите на способности во однос на развој на обучувачки кадар, усогласување со сојузничките стандарди и зајакнување на интероперабилноста.
На церемонијата, директорката на Директоратот за управување со човечки ресурси, образование и обука, Ирена Станковска истакна дека потпишувањето на Изјавата за намери претставува значаен чекор во натамошното зајакнување на билатералната соработка. Со овој чин, рече, се потврдува заедничката посветеност кон развојот на обуката во областа на стабилизацијата и реконструкцијата.
Таа ја нагласи и важноста на досегашната поддршка од италијанскиот Центар во подготовката на националниот тим обучувачи, посочувајќи дека стекнатите знаења и искуства претставуваат цврста основа за понатамошен развој на националните капацитети. Пример за резултатот од соработката е реализирањето на вториот курс за стабилизација и реконструкција од страна на националниот тим обучувачи, што претставува потврда дека заедничките активности веќе даваат конкретни резултати и придонесуваат кон создавање одржливи национални капацитети.
Полковникот Паоло Мазуфери, директор на италијанскиот Центар за студии за постконфликтни операции, ги истакна позитивните резултати од досегашната соработка, упатувајќи пофални зборови за посветеноста, професионалноста и постигнатиот напредок на македонскиот тим. Тој ја нагласи важноста на партнерството меѓу двете институции и подготвеноста за продолжување на поддршката и заедничките активности во развојот на капацитетите за обука во областа.
На настанот присуствуваа и италијанското одбранбено аташе во земјава, претставници на Амбасадата на Република Италија, претставници на италијанскиот Центар за студии за постконфликтни операции, националните обучувачи од областа на стабилизацијата и реконструкцијата.