Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

АЛТЕА

Придонесот на Република Северна Македонија кон воената операција на ЕУ за кризен менаџмент во БиХ ALTHEA

Република Северна Македонија ја потврдува стратегиската определба за достигнување членство во Европската Унија преку цврстата политичка определба за поддршка на Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП/CFSP) и со декларирање конкретен придонес кон цивилните и воените операции во рамките на Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП/CSDP) на Унијата.

Учеството во воената операција на ЕУ за кризен менаџмент во БиХ Алтеа го означува првиот од серијата конкретни и значителни придонеси кои Република Северна Македонија го дава во рамките на цивилните и воените операции на ЗБОП, а во правец на зајакнување на капацитетите на Унијата.

Спогодба со Европската Унија за учество во рамките на операцијата Алтеа беше потпишана на 3 јули 2006 во Брисел. Првиот придонес кон операцијата на ЕУ, Алтеа го потврди нејзиниот напредок од земја корисник на првата воена операција на Унијата (Конкордија 2003) до земја активен придонесувач кон ЗБОП(Алтеа 2006).

Република Северна Македонија од јули 2006 година континуирано учествува во операцијата на ЕУФОР во БиХ, АЛТЕА и досега има реализиран и завршен придонес со хеликоптерски деташман,  медицински тим ROLE 1 медицинска поддршка на кампот Бутмир како и штабни старешини во командата на ЕУФОР и советници на Вооружените сили на БиХ. Со вкупно досегашно учество со 510 лица.

Согласно ребалансираната структура на мисијата, од декември 2018 г. придонесуваме со 1 лице, заменик офицер за врска со институции одговорни за спроведување на законот, во секција Ј-2 во командата на ЕУФОР.

Во мај 2022 година го зголемивме придонесот во АЛТЕА со еден пешадиски вод (32 лица) интегриран во пешадиската чета на турските вооружени сили во кампот Бутмир во Сараево. Од јули 2024 година по принцип на ротација Грција беше носечна нација за пешадиската чета наместо Турција, и нашиот вод од јули 2024г. беше интегриран во рамките на грчката чета. Од јануари 2025 година нашиот вод е повторно во рамките на менаеварската чета на турските вооружени сили.

Во моментов во операцијата АЛТЕА придонесуваме со 33 лица (пешадиски вод 32 лица и штабен старешина, офицер за врска со инситуции одговорни за спроведување на законот во секцијата Ј-2 во командата на ЕУФОР).

Мени за пристапност