„Неиспровоцираната агресија на Русија против Украина има силно влијание врз сите нас, врз безбедноста на нашите земји и нашите граѓани. Денеска сите ги чувствуваме последиците и ќе ги чувствуваме и во иднина. Ова е војна каде што може да има само еден исход, а тоа е поразување на агресивната политика на Москва“ истакна заменик министерката за одбрана Елфет Исмаили во нејзиното обраќање на состанокот на министри за одбрана на Југоисточна Европа на иницијативата СЕДМ, кој се одржува во Тирана, Република Албанија од 5 до 7 ноември.
Исмаили упати благодарност до албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу за гостопримството и до председавачка на иницијативата СЕДМ, Симона Којoцару, и во име на министерот за одбрана Владо Мисајловски, ги поздрави присутните и ја истакна посветеноста на нашата земја на процесот СЕДМ и на регионалната соработка во одбранбените и безбедносните прашања.
Овoj министерски состанок представува собир на претставниците од земјите членки на СЕДМ, каде во активностите на иницијативата учествуваат и претставници од RACVIAC, UNDP/SEESAC.
Целта на оваа иницијатива е промоцијата на регионалната соработка и добрососедските односи, зајакнување на регионалните одбранбени способности, соработката преку колективни напори и создавањето врски кои ја олеснуваат интеграцијата во евроатлантските институции.