Во пресрет на 18 Август-Денот на Армијата, на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот се реализира традиционален свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството за одбрана.
Пред присутните се обратија министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник, Васко Ѓурчиновски.
„Денеска започнуваме со одбележување на 18 август – Денот на македонската Армија. Ден кој е посветен на сите вас, мажи и жени кои сте непоколеблив штит на нашата безбедност и стабилност, на нашата држава. Ден за истакнување на достигнувањата и оддавање на почит и признание за храброста и посветеноста на сите припадници на Армијата. При справување со секојдневните предизвици и во кризните состојби секогаш сте подготвени да одговорите. Тоа е доказ за вредностите кои ги носите со себе – чест, лојалност и интегритет, додека силата и пожртвуваноста извира од срцата на секој еден припадник“, истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Во спомен на припадниците на Армијата кои ги положија своите животи при извршувањето на должноста министерот Мисајловски рече: „Нивниот спомен живее во сите нас, а нивната храброст не инспирира затоа што тие ни го покажаа вистинското значење на службата, наше е да продолжиме да го почитуваме нивниот спомен“.
Честитајќи им го Денот на Армијата, Генералот Ѓурчиновски истакна дека е горд на професионалноста и посветеноста во работата на сите вработени, притоа потенцирајќи дека во изминатите шест години се остварени голем број на подобрувања на условите за живот и работа и модернизација. На крајот од своето обраќање на вработените им посака понатамошни успеси.
На денешната свеченост по повод Денот на Армијата се соопштија наредби за унапредувања во повисок чин, наградни отсуства, плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на Армијата и Министерството за одбрана, како и на организации кои допринеле за развојот на одбраната и Армијата.
Во склоп на свеченоста Министерот за одбрана Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменик на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и делегација составена од претставници од семејствата на загинатите бранители положија свежо цвеќе пред спомен обележјето на загинатите бранители пред Министерството за одбрана.
Претходно од страна на делегации од министерството за одбрана и Генералштабот предводени од началникот на Генералштабот, кабинетот на Претседателката, Собранието, Владата, Сојузот на здруженија на борците од НОБ, Организација на резервни воени старешини, градот Скопје и други, со воени почести се положија венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Глигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
На свечениот собир на вработените Министерството за одбрана и Генералштабот присуствуваа и заменик министерката за одбрана, Елфет Исмаили, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и државната секретарка Елизабета Чуповска Ристова.
Со воени церемонии во исто време празникот на Армијата се одбележа во командите и единиците на Армијата во сите касарни во Републиката.
Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се реализира на 18 август во Центарот за Обука на вода во Охрид, на која ќе присуствува највисокиот воен и државен врв.