Денеска (16 февруари) државниот секретар во Министерството Елизабета Чуповска – Ристова се сретна со државниот секретар во словенечкото Министерство за одбрана, Боштјан Павлин кој престојува во посета на земјава. Чуповска – Ристова со државниот секретар Павлин разговараше за зацврстување на сојузничката македонско-словенечка соработка во клучните области на одбраната како исполнувањето на НАТО – Целите на способности, развојот на воената индустрија и активностите за прилагодување на одбранбениот сектор на променливата безбедноста средина.
„Словенија е докажан и доверлив партнер и сојузник. Минатата година имавме успешно реализиран план за билатерална соработка, a годинава планираме повеќе од 20 заеднички активности меѓу кои и во делот на кризниот менаџмент и воено наменската индустрија. Исклучително ја цениме вашата подготвеност за пренесување искуство во аквизициските процеси кое е од голема помош за нас како и во делот на зановување на стратешките документи во одбраната“, рече Чуповска-Ристова на средбата. Државниот секретар додаде дека земјава останува посветена на исполнувањето на НАТО – Целите на способности, со што се зацврстува националната, но и регионалната безбедност, додека истовремено се зајакнува и колективната одбрана на Алијансата.
Убедени сме во потенцијалот за континуиран развој на нашата билатерална соработка, рече Чуповска-Ристова и додаде дека и двете земји успешно придонесуваат во зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на НАТО.
Државниот секретар во словенечкото Министерство за одбрана, Павлин, се заблагодари за средбата и порача дека во Словенија имаме искрен партнер, пријател и сојузник кој ќе продолжи да нè поддржува во развојот на одбранбените способности и капацитети. Во однос на Планот за билатерална соработка за 2026 година, Павлин рече дека по неговото финализирање и потпишување, соработката меѓу нашите две земји уште повеќе ќе добие на динамика, а со тоа и ќе покажеме дека заеднички градиме капацитети за зацврстување на безбедноста на нашите граѓани.
Македонско-словенечката одбранбена соработка датира од 1994 година кога е потпишан Рамковниот договор за соработка меѓу Министерствата за одбрана на двете земји. Билатералната соработка се реализира во повеќе области на одбраната меѓу кои и заедничките вежби и обуки, експертски разговори, соработка во доменот на против-воздушната одбрана, логистиката и јавните набавки, военото разузнавање, НАТО планирачкиот процес и друго.