Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Одбележана шестгодишнината од членството во НАТО - Мисајловски: Нашата цел е силна и модерна Армија, столб за безбедна и сигурна држава

Одбележана шестгодишнината од членството во НАТО - Мисајловски: Нашата цел е силна и модерна Армија, столб за безбедна и сигурна држава

Во рамки на одбележувањето на Денот на Генералштабот на 28 март и денот кога нашата држава и официјално стана членка на НАТО Алијансата, пред платото на Министерството за одбрана се одржа свеченост на која присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани, поранешни началници на Генералштабот, активни и пензионирани генерали, претставници од Министерството за одбрана, како и команданти на првопотчинетите команди и единици на Генералштабот на Армијата.

Министерот Мисајловски во своето обраќање изрази благодарност до сите сегашни и поранешни припадници на Генералштабот, највисокото стручно тело во Армијата кое ги носи стратешките одлуки за тоа како ќе изгледа македонската Армија утре, после пет години, после десет години. „Вашата посветеност, визија, вклучувајќи го и креирањето на плановите за опремување и модернизација на Армијата ни го покажува правецот кој мораме да го поставиме за да имаме силна Армија, способна да ја исполни својата уставна обврска, а тоа е безбедна и сигурна држава“, рече министерот.

Тој додаде дека синергијата која постои помеѓу Министерството за одбрана и Армијата е јасна и видлива и порача: „Ќе продолжиме на истиот начин. Ќе продолжиме со истата посветеност, со истата љубов кон татковината заеднички и здружено да ја развиваме македонската Армија!“, подвлече Мисајловски.

По повод шестгодишнината од членството во НАТО, министерот Мисајловски изрази почит на визионерите кои ја водеа државата во нејзините почетоци, кои имаа план за тоа каде треба да бидеме, како и на генерации вработени кои ставија свој личен печат во достигнувањето на оваа цел.

„Денеска како земја членка на НАТО заедно со нашите 31 сојузник седиме на масата каде се носат одлуки за безбедноста на Алијансата. Тоа го правиме со најголема одговорност, и го даваме максимумот од себе за да придонесеме во заедничката безбедност на секоја педа сојузничка територија“, нагласи министерот.

Бригадниот генерал Орце Јордев, директор на Генералштабот порача дека „одбележувањето на 27 март – Денот на Генералштабот на Армијата, заедно со годишнината од членството во НАТО, ја нагласува нашата одговорност во исполнувањето на мисијата на Армијата и обврските во рамки на колективната безбедност“, посочувајќи го Генералштабот како клучен носител на планирањето, организирањето и командувањето со Армијата.

Датумот 27 март има особено значење за Армијата, бидејќи на овој ден, пред 34 години, беше преземен Генералштабот, што претставува клучен момент во процесот на формирање на Армијата, по преземањето на контролата над државната територија и заминувањето на последниот војник на ЈНА.

Мени за пристапност