Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Мисајловски до членовите на Парламентарното собрание на НАТО: Заедничките вредности нè врзуваат во најмоќната Алијанса во историјата

Мисајловски до членовите на Парламентарното собрание на НАТО: Заедничките вредности нè врзуваат во најмоќната Алијанса во историјата

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска (5 април) во македонското Собрание им се обрати на членовите на Парламентарното собрание на НАТО со порака дека НАТО – Алијансата не постои само за да ги одбрани надворешните граници на земјите – членки, туку за да ги заштити заедничките вредности кои се дел од нашите општества.

Пред Премиерот Христијан Мицкоски, делегацијата од Собранието предводена од пратеникот Драган Ковачки и членовите на постојаниот комитет на Парламентарното собрание предводени од претседателот Маркос Перестрело, министерот истакна дека „НАТО не е само сојуз на демократии, НАТО е идеал кој се темели на тоа дека само ако сме заедно и здружени, можеме да го одбраниме и зацврстиме нашиот начин на живот во кој секој граѓанин е еднаков, а слободите по секоја основа се гарантирани.“

Мисајловски додаде дека во Алијансата грижата едни за други е повеќе од видлива, а доказ за тоа, рече, е понудата од сојузничките земји за безрезервна поддршка и помош по трагичниот настан во Кочани.

„Кога целата нација беше во шок, првите повици за сочувство, но и солидарност и поддршка дојдоа токму од моите колеги – министри за одбрана од сојузничките земји. А, за мене нема поголем доказ дека не сме сами. Ние имаме 31 сојузник, имаме вистински пријатели на кои можеме да им се обратиме за помош. Тоа е НАТО. Тоа е сојузништво. Тоа е нераскинливата врска која од 32 земји во Алијансата прави една обединета сила.“

Министерот се осврна и на безбедносните предизвици со кои се соочува континентот, како и на потребата од континуирано вложување во одбраната за што нашата држава одвојува 2 проценти од бруто-домашниот производ и речиси една третина од тие средства за модернизација и опремување на Армијата. Македонските припадници, додаде Мисајловски, со учеството во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија, придонесуваат и во безбедноста на источното крило на Алијансата.

Парламентарното собрание на НАТО е мултилатерална организација која е суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на земјите-членки, придонесувајќи кон зацврстувањето на трансатлантските вредности на Алијансата. Составено е од 281 делегат од 32 земји-членки на НАТО, делегати од партнерските земји, од парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа, како и делегати од Европскиот парламент.

Мени за пристапност