Министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска во министерството се сретна со началникот на Генералштабот на романската Армија, генералот Ѓеоргица Влад кој престојува во официјална посета на македонската Армија. За време на средбата се разговараше за безбедносната состојба во регионот, како и за можностите за развој на македонско-романската одбранбена соработка.
„Македонско-романската соработка во одбраната е исклучително интензивна. Соработуваме во клучни области, како обуки, курсеви и можеби најважно – заеднички воени вежби кои ја јакнат интероперативноста помеѓу двете сојузнички Армии“, рече министерот, посочувајќи на заедничката вежба „Valiant strike 25“ која се реализираше на почетокот на оваа година во Романија. Во тој контекст Мисајловски нагласи дека има можности оваа соработка да се надградува особено во делот на заедничките обуки и вежби притоа искористувајќи ги и македонските капацитети за обука како што е армискиот полигон „Криволак“.
Министерот Мисајловски за време на средбата потенцира дека од особено значење е зачувување на стабилноста и безбедноста на регионот и зацврстување на источното крило на Алијансата и токму затоа придонесот на македонската Армија како дел од мултинационалните сили на Алијансата во Романија како и во останатите мисии во регионот ќе продолжат затоа што безбедноста на граѓаните е на прво место.
Во рамки на посетата, генерал Влад оствари средба со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на која беше потврдена соработката помеѓу двете армии, која во текот на изминатата и оваа година се оценува како исклучително добра и на високо ниво. Посебно беше нагласена успешната соработка на полето на обуката и вежбите реализирани во рамките на иницијативата Б-9, како и во рамките на билатералните и регионалните активности.
Меѓу клучните заеднички активности во 2025 година се истакнува воената вежба VALIANT STRIKE 25, која се реализираше во Романија. Дополнително, двете армии имаат воспоставена успешна соработка во областа на обуките, размената на персонал и учество во заеднички НАТО мисии, вклучувајќи ги и споменатите мултинационални сили на НАТО во Романија, кои ја зацврстуваат безбедноста на источното крило на Алијансата.
Соработката меѓу двете земји се одвива и во регионални и мултилатерални рамки, како што се SEDM, SEEBRIG, Б-9 форумот, RACVIAC и Балканските медицински наменски сили.