Денеска (27 април) на армискиот полигон „Криволак“ во присуство на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски и високи претставници од НАТО, беше реализиран Денот за високи гости на вежбата „Блесок 26“.
Во своето обраќање претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека „нашата Армија е фактор на стабилност и чувар на глобалниот мир“, укажувајќи на фактот дека денес повеќе од 180 припадници на Армијата, под македонското знаме, се вклучени во мировни мисии и операции. Сиљановска-Давкова додаде и дека „силата на една современа Армија не се мери само со опремата којашто ја поседува, туку и со меритократијата во регрутирањето и унапредувањето, постојана стручна надградба и достоинствени услови за живот и за работа на луѓето во униформа“.
„Вежбата Блесок 26 е охрабрувачка и инспиративна потврда дека македонската Армија ја разбира природата на времето во кое живееме и сериозно се подготвува за соочување со предизвиците што ги носи“, рече претседателката.
Министерот Мисајловски по изведувањето на показната вежба истакна дека присутните „беа сведоци не само на демонстрација на способности, туку и на дисциплина, прецизност и висок професионализам“, укажувајќи на тоа дека оценката „борбено подготвена“ е резултат на мотивираноста и способностите на армиските припадници, како и интензивниот процес на модернизација и опремување на македонската Армија.
„Македонската Армија прави историски чекор напред во поглед на своите капацитети. Оперираме со нова, софистицирана опрема, како и секоја друга НАТО – армија. Нашите припадници се на исто ниво со останатите од Алијансата. Имаме целосна интероперативност, која ни овозможува заеднички да го одбраниме она што ние нам најсвето, а тоа е слободата, татковината, демократијата. Да ги одбраниме нашите вредности кои се вкоренети во македонското општество“, истакна министерот.
Мисајловски упати честитки до сите армиски припадници вклучени во организацијата и реализацијата на оваа вежба, за која рече дека е исклучително сложена имајќи предвид дека над 1.500 армиски припадници работеа на фиктивно сценарио со 25 настани и над 100 инциденти.
Генералот Лафчиски, пак, истакна дека успехот е резултат на јасна стратегиска насока и напорна работа како и на одржливиот и систематски процес на планирање, подготовка, обука, опремување и модернизација, реализиран во согласност со највисоките НАТО стандарди.
Пред присутните се обрати и контраадмиралот Торстен Маркс, началникот на Ј-9 на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол кој потенцираше дека нашата држава е силен и доверлив НАТО сојузник.
„Од приклучувањето кон НАТО во 2020 година, вие значително ја подобривте вашата одбранбена позиција. Инвестирате над 2 проценти од БДП во одбраната и придонесувате во мисиите на НАТО, вклучувајќи ги КФОР и борбените групи на НАТО. Ова покажува вистинска посветеност на Алијансата и нашата заедничка безбедност, оценувајќи ги единиците според стандардите на НАТО“, рече тој.
Вежбата „Блесок 26“ е продолжение на серијалот вежби „Македонски Блесок“. На оваа вежба на која учествуваа над 1.500 припадници од Армијата, се изврши и оценување на НАТО целта на способност - Лесна пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), при што од страна на оценувачкиот тим и НАТО мониторите, единицата се стекна со статусот „борбено подготвена за извршување на својата мисија“. Со оцената, ЛПБГ ја потврди својата обученост, високата борбена подготвеност и интероперабилност со сојузниците.