Државниот секретар во Министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова денеска (4 февруари) се сретна со амбасадорката на СР Германија, Петра Дрекслер со која разговараше за развојот на одбранбената соработка помеѓу двете земји.
Чуповска Ристова истакна дека нашата земја останува силно посветена на трите столба на одбраната – стабилното буџетирање, опремувањето и модернизацијата на Армијата и развојот на човечкиот капацитет во одбраната.
„Цврсто сме посветени на инвестициите во одбраната. Буџетот за 2025 година е на ниво кое заеднички го потврдивме со сојузниците, а тоа е 2 проценти од бруто-домашниот производ, од кои над 32 проценти се наменети за опремување и модернизација на Армијата. Тоа е доказ дека нашата држава е посветена на развојот на одбранбените капацитети кои ја засилуваат колективната одбрана во Алијансата“, рече државниот секретар.
Таа се заблагодари за сета досегашна германска поддршка во развојот на армиските капацитети, видлива во повеќе области како одбранбената политика, логистиката, воената медицина, АБХО и разните видови обуки и школувања во германските центри.
Нашата земја останува посветена на оваа соработка, а тоа се потврдува и со најавените штабни разговори помеѓу двете земји месецов каде ќе стане збор за развој на заеднички проекти и активности во иднина.
Двете сојузнички земји соработуваат во областа на одбраната од далечната 1996 година кога беше потпишана Спогодбата за соработка на военото поле.