Државниот секретар во министерството, Елизабета Чуповска-Ристова, денеска учествуваше на панел дискусија, насловена „Платформа 6. – 100% ПОСВЕТЕНИ ЗА ТЕБЕ – Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“ на која што истакна дека нашата земја е безбедна и стабилна, факт кој е потврден и од Советот за безбедност. Чуповска- Ристова додаде дека земјата активно придонесува и кон регионалната и кон колективната безбедност на Алијансата.
„Придонесот на Македонија во регионалната безбедност е соодветно валоризиран и потврден од сите НАТО сојузници“, рече Чуповска – Ристова и додаде дека “активно придонесуваме и во гарантирање на колективната безбедност, а тоа го докажуваме и со нашето учество во мултинационалните сили кои што се распоредени во Летонија, Бугарија и Романија“.
Во однос на состојбите и актуелните предизвици во одбраната, Чуповска-Ристова порача дека била затекната предизвикувачка финансиска состојба, но дека со соодветна анализа на состојбите и алокација на средствата со ребалансот на Буџетот обезбедени се финансиски средства за исплата на сите заостанати и тековни обврски кон припадниците на Армијата и вработените во одбраната за 2024 и за 2025 година.
Чуповска Ристова се осврна и на модернизацијата на Армијата која тече согласно плановите, соработката со партнерите и сојузниците и буџетирањето на одбраната при што порача дека „еден од клучните приоритети на кои што работи Владата е обезбедување стабилно финансирање во одбраната”. Државниот секретар додаде дека и следната година одбранбениот буџет ќе изнесува над 2 проценти од бруто-домашниот производ.
На „Платформа 6. – 100% ПОСВЕТЕНИ ЗА ТЕБЕ – Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“ организирана од Владата, освен Државниот секретар во Mинистерството учествуваа и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и министерот за правда, Игор Филков.