Во спомен на десетмината прилепски бранители од резервниот состав на македонската Армија, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, денеска (8 август) на спомен плочата кај месноста „Карпалак“ венец со свежо цвеќе положи делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова и Директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев.
На денешен ден, во 2001 година кај месноста „Карпалак“, македонските бранители ги положија своите животи извршувајќи ја својата должност, зачувување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на татковината.
Во спомен на бранителите на спомен - обележјето, свежо цвеќе положија и делегации од Владата, од кабинетот на Претседателката и врховен командант на Армијата, претставници од семејствата на загинатите припадници на Армијата, од здруженија на граѓани и од политички партии.
Денеска, венци со свежо цвеќе ќе бидат положени и пред спомен-обележјето на македонските херои во центарот на Прилеп.