Северна Македонија и Обединетото Кралство ја продлабочуваат одбранбената соработка – ќе се формира Ќелија за координација на обуката на полигонот „Криволак“ составена од британски офицери

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј денеска потпишаа Меморандум за разбирање кој овозможува стационирање на тим од британски офицери на „Криволак“, задолжени за координација на обуката на одбранбените сили на Северна Македонија и регионот. Оваа Ќелија за координација на обуката од Обединетото Кралство ќе биде лоцирана на армискиот полигон „Криволак“, нашиот најголем капацитет за изведување и вежби и развој на интероперабилноста со сојузниците и партнерите.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска порача дека мотото на Алијансата – заедно сме посилни, не е само фраза, туку е реалност, што може да се види не само во колективната одбрана туку и преку развивањето на одбранбените сили.

„Концептот заедно сме посилни го применуваме не само во делот на колективната одбрана каде што е логичен, повеќе земји се посилни од една земја, туку и во однос на развој на одбранбените сили. Тоа денеска и го работиме, бидејќи во развојот на одбранбените сили ние можеме да се потпреме на искуството на нашите сојузници, а тие можат да се потпрат на дел од нашите капацитети кои сакаме да ги развиваме како НАТО капацитети“, рече министерката Шекеринска.

Основна задача на Ќелијата за координација на обуката составена од три британски офицери, порача министерката, е координација на можностите за обуки и вежби на овој наш најголем капацитет за обука, што ќе овозможи максимална ефикасност во изведувањето на обуките и на вежбите од страна на Обединетото Кралство и заедничките сојузници и партнери, особено земјите од регионот, на „Криволак“, на долг рок.

„Овој тим британски офицери ќе предлага обуки и вежби и за нашата НАТО декларирана единица која што е лоцирана во Штип, а ќе служи и како катализатор за развој на нови програми за обука со армиите во регионот. Значи целта е – ќе помогнеме на нашите одбрани способности, ќе ја зголемиме соработката во регионот на тема која е многу важна, а тоа е одбраната, но ќе ги зајакнеме и нашите билатерални одбранбени врски со Обединетото Кралство“, порача Шекеринска.

Амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј истакна дека воспоставувањето на оваа Ќелија на полигонот „Криволак“ е уште еден чекор напред во одбранбената соработка помеѓу двете земји, што ја потврдува и посветеноста на Обединетото Кралство кон Западниот Балкан.

„Малиот тим ќе го поддржи и зајакне нашиот постоечки регионален воен ангажман со поблиско координирање на обезбедувањето на нашата воена обука. Ќелијата ќе има клучна улога во гарантирањето дека ’Криволак’ ги исполнува потребите на НАТО. Се надеваме дека во следните десет години ’Криволак’ ќе прерасне во една од водечките полигони за обука на НАТО за лесни и воздушно-десантни сили, не само во квалитетот на обезбедените капацитети, туку и за иновациите во развојот и зачувувањето на природната средина. Безбедноста на Северна Македонија е и наша безбедност“, рече амбасадорката Галовеј.

Северна Македонија со Обединетото Кралство ја има една од најинтензивните одбранбени соработки – во 2020 година беше потпишан нов сеопфатен Договор за соработка. Двете земји интензивно се поддржуваат во доменот на одбранбената политика, воената обука и едукација, соработката во мировните мисии, советодавна помош за спроведување на реформи и трансформација на Министерството и Армијата, како и помош за зајакнување на капацитетите на Лесната пешадиска баталјонска група, нашата НАТО декларирана единица.

Други вести
Skip to content