По повеќе од една декада, обнова на подофицерскиот кор – 120 подофицери го зајакнуваат составот на армиските сили

Армијата на Република Северна Македонија го зајакна својот состав со 120 подофицери, со што подофицерскиот кор се обновува по повеќе од една декада. Денеска во касарната „Илинден“ беше промовирана втората група од 55 подофицери, кои го завршија подофицерскиот курс, по промоцијата на првата група од 65 подофицери во февруари годинава.

На свеченоста, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека со чинот на промоција на подофицерите се заокружува една од важните цели, не само за оваа година, туку за цела деценија во работењето на Армијата.

„Цели 11 години нашата Армија немаше ниту курс за подофицери, ниту производство на подофицери. И во тие 11 години акумулиравме недостиг на повеќе од 500 подофицери без кои ниту една Армија, а камо ли НАТО Армија не може да биде цела. Оваа година во тешки услови на корона, на епидемија, на кризни состојби успеавме да ја завршиме оваа цел која што стоела како проблем 11 години. Во оваа една година создадовме нови 120 подофицери и практично решивме една четвртина од проблемот кој што е наследен во претходната декада“, рече министерката. Додаде дека пополнувањето на подофицерскиот кор ќе продолжи за во Армијата никогаш да нема празни подофицерски места затоа што подофицерите се оние кои го покажуваат правецот за секој војник, оние кои организираат, инспирираат, мотивираат.

„Доаѓате од базенот на професионални војници и вие најдобро знаете што значи да се биде војник и што значи да се биде добар професионален, лојален војник. Вие сте р’бетот на Армијата, а за секоја држава клучно е тој р’бет биде исправен, биде цврст“, истакна министерката.

Шекеринска се осврна и на сето она што е направено за развој на Армијата, статусот на војниците и унапредувањето на условите за работа.

„Ја обновивме вашата лична опрема и обезбедивме не само вие, туку сите припадници на Армијата да имаат нови борбени униформи, го обезбедивме новиот комплет борбени униформи, ја обезбедуваме свечената униформа, обезбедивме гортекс дополнителни униформи, чизми, спортска опрема, алпинистичка опрема, вооружување и техника како што и се новите автоматски пушки и за прв пат во историјата наша ја започнавме и набавката на нови оклопни транспортери кои треба да го гарантираат вашиот, да го штитат вашиот живот и животот на вашите војници. Интервениравме и во платите и во бенефициите кои долго време сте ги заслужувале. Секој од вас денеска прима закупнина која што го надополнува вашиот буџет. Војниците кои се ваша обврска ќе бидат попосветени на службата затоа што со новите измени на Законот за служба предвидуваме уште една опција, за сите оние кои што полнат 45 години и не успеале за разлика од вас да станат подофицери, освен шансата да работат во државната управа, сега ќе добијат шанса и да заминат со финансиски надоместок кој што ќе им гарантира нов почеток“, рече министерката.

Прворангираниот подофицер, водникот Бобан Јанковски, на своите колеги – ново промовирани подофицери им порача: „Научивме да станеме кога е најтешко, научивме да бидеме колектив, колектив кој изгради голем соживот. Чекоревме храбро и чесно заедно со инструкторскиот тим и дење и ноќе само за да ја постигнеме оваа наша цел, цел означена со кохезија, држење еден до друг, тактичност. Цел за да станеме лидери“.

Обуката на подофицерите се реализираше на армискиот полигон „Криволак“ и во Центарот за обука „Пепелиште“,од страна на искусни инструктори од Командата за обука и доктрини, Баталјонот за специјални сили и извидувачко – разузнавачкиот баталјон.

Други вести
Skip to content