Шекеринска – Панајотопулос: Северна Македонија и Грција се искрени и посветени сојузници во НАТО

Довербата меѓу Северна Македонија и Грција од ден на ден сè повеќе расте – беше заклучено на денешната средба меѓу министерката Радмила Шекеринска и министерот за одбрана на Република Грција, Николаос Панајотопулос. Средбата која имаше работен карактер се одржа во рамки на Меѓународната изложба за одбрана и безбедност која се реализира во Грција и на која присуствува делегација од Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, предводена од министерката Шекеринска.

„Од нашиот договор за билатерална соработка за 2021 може да се заклучи дека се движиме во позитивен правец. Околу 70 предвидени активности се потврда дека Северна Македонија и Грција отворија поглавје на сојузништво во интерес на двете земји, но и на целиот регион“, рече министерката.

Шекеринска посочи и дека соработката меѓу двете земји се одвива и во рамки на SEEBRIG Бригадата на Југоисточна Европа чиј домаќин е нашата земја, а во која учествува и Грција од каде во моментов е и командантот на единицата.

Двајцата министри ја потенцираа соработката во рамки на НАТО мисијата air-policing како сигнал за сојузништво и висока доверба меѓу двете држави.

Министерот Панајотопулос рече дека Грција е партнер и сојузник на Северна Македонија во одбраната, и додаде дека ќе продолжи да ја поддржува нашата земја и во ЕУ.

На средбата беше изразено задоволство од придонесот на Северна Македонија во регионалната стабилност и безбедност преку учеството во мисијата КФОР во Косово, а се разговараше и за наша контрибуција во грчкиот корпус на НАТО силите за брзо распоредување и во Балканската борбена група во рамките на ЕУ, HELBROC, предводена од Грција.

Одбранбената соработка меѓу Северна Македонија и Грција се одвива и преку обуки за падобранство на нашите армиски специјални сили во Грција, при што мината недела заврши дваесетдневната обука на која учествуваа и припадници на воздухопловниот ВИНГ.

Други вести
Skip to content