Шекеринска од церемонијата на SEEBRIG во Куманово: Епидемијата, поплавите и пожарите не потсетија колку е важно регионалното заедништво


Епидемијата, поплавите и пожарите не потсетија колку е важно да се продлабочи регионалното заедништво – истакна министерката Радмила Шекеринска во денешното обраќање на церемонијата на предавање на претседавањето со Процесот на министерска соработка во одбраната во Југоисточна Европа, од Република Албанија на Република Бугарија, која се одржа во касарната „Боро Менков“ во Куманово, каде што се наоѓа седиштето на Бригадата на Југоисточна Европа која е дел од овој процес.
Церемонијата, на која воедно беше одбележана и 22- годишнината од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа собра на едно место високи претставници од земјите учеснички: Северна Македонија, Бугарија, Грција, Албанија, Романија и Турција.

„Процесот на министерска соработка е одличен форум за регионален дијалог и безбедносна соработка, но и модел за градење на добри односи меѓу соседите. Состојбите со епидемијата, поплавите и пожарите не потсетија колку е важно и да се продлабочи регионалното заедништво преку инвестирање во кризен менаџмент и создавање на механизми за справување со овие нови предизвици со кои се повеќе ќе се соочуваме во иднина“, рече Шекеринска, заблагодарувајќи се притоа на сите сојузници и пријатели од регионот и пошироко кои, како што подвлече, несебично ни пружија помош во справувањето со шумските пожари.

Министерката порача дека по исполнувањето на една од двете стратешки цели на земјава – членството во НАТО, приоритет е интеграцијата во ЕУ. „Сега сме дел од најмоќната воена и политичка Алијанса и сојузници со најмоќните држави на светот. Сакам да нагласам дека нема да застанеме тука бидејќи имаме се уште работа на планот на интегрирањето со ЕУ“, нагласи Шекеринска.

Министерката се заблагодари на напорите што ги вложи Албанија за соработката во министерскиот процес и ја истакна својата увереност дека и Бугарија како следен претседавач ќе продолжи во иста насока.

Како дел од овој процес, на почетокот на ноември во Скопје ќе се одржи министерски состанок на земјите членки, на кој се очекува да бидат реафирмирани политиките на заедништво и солидарност во справувањето со новите закани и предизвици

Други вести
Skip to content