Шекеринска од конференцијата „Економско заздравување и раст по Ковид“: да се бориме против нееднаквоста и корупцијата и да бидеме иновативни во нашите политики

„Пандемијата на корона-вирусот покажа дека светот може да биде многу креативен и многу брз во своето адаптирање и во соработката во време на егзистенцијални кризи. Нам ни треба истата таа креативност и соработка за да можеме да се носиме со предизвиците на т.н. пост-КОВИД свет“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на панелот посветен на глобалните и регионалните предизвици и изгледот за опоравување и раст, кој беше дел од Првата годишна конференција на тема „Економско заздравување и раст по Ковид“, организирана од Министерството за финансии.

Министерката Шекеринска порача дека ова е моментот кога најголемиот дел од економистите и политичарите се согласуваат дека враќањето во нормалноста не е опција кога станува збор за државни политики, за политиката генерално и особено за економијата.

„Треба да создадеме порамноправен свет, да креираме економија која ќе биде помалку зависна од јаглен, да изградиме модерна инфраструктура, универзална здравствена заштита, да создадеме координирани правила за дигиталната ера и, и покрај нашата главна цел која е насочена кон борбата со климатските промени, ние треба да планираме како ќе се справуваме со ефектите на климатските промени со кои веќе се соочуваме – погледнете ги пожарите и поплавите. Тоа бара генерална обнова на сите наши системи, почнувајќи од безбедноста, но опфаќајќи и многу други области. Функционирањето на стариот начин, повеќе не е опција”, рече министерката.

Како пример за потребните промени, Шекеринска ги посочи субвенциите кон економијата, кои треба да овозможат поголема видливост на нашите политички, но и на цивилизациски приоритети.

„Верувам дека ќе имаме пропуштена шанса ако не ги комбинираме силните субвенции кои ги дававме и ќе ги даваме на компаниите со – поголема општествена одговорност во однос на животната средина, подобри социјални модели, систем кој ќе го користиме како дел од буџетските политики за повторно да ги разгледаме нашите даночни системи, политиките на доход и политиките што ќе водат кон подобрување на стандардот“, истакна министерката Шекеринска.

Членството на нашата земја во НАТО, кој беше огромен, историски успех, беше добредојден и за економијата, дури и во време на криза, порача министерката и додаде дека она на што треба да се фокусираме сега е зголемувањето на отпорноста на општеството.

„Нашите општества се соочуваат со раст на илиберализмот, на нестабилност на западниот идентитет и затоа мора и општествата и институциите да ги направиме поотпорни, зашто во спротивно што и да се направи во одбранбениот сектор нема да биде доволно“, рече министерката и заклучи – треба да кажеме „да“ за да се бориме со нееднаквоста, „да“ за да се бориме со корупцијата, „да“ за ги анализираме сите правила кои беа типични за нашиот систем пред две години. Да бидеме покреативни и да ја гледаме големата слика постојано.

На панел-дискусијата се обратија и Ана Бјерде, потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија, Кејт Мери Брнз, амбасадорката на САД, Ендру Вајт од Оксфордскиот универзитет, Артан Груби, заменик-претседателот на Влада, Мајлинда Брегу, генерален секретар на РСС, како и Хаолианг Ху од УНДП.

Source транксрипт
Други вести
Skip to content