Шекеринска на Преспа форум дијалог: Преспанскиот договор го покажа прогресот на регионот

„Двата договори кои ги носат имињата на двете езера, Охрид и Преспа, ја имаат истата мисија – создавање на функционална мултиетничка демократија, интегрирана во Европската Унија и во НАТО.“

Ова го истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска која говореше на конференцијата „Патот до Преспа“ во рамките на Преспа форум дијалогот во Охрид.

Шекеринска рече дека токму заради Охридскиот и Преспанскиот договор, разликата помеѓу сликата за нашата земја во 2001-та и денеска е огромна – пред 20 години го повикавме НАТО да дојде во земјата и да ги зачува стабилноста и единството, а денеска Северна Македонија е земја – членка на истата таа Алијанса.

Како што посочи министерката, разлика помеѓу двата договори е во тоа што Охридскиот беше со силно меѓународно влијание, додека Договорот од Преспа е домашен, регионален производ.

„Големиот успех на регионот е фактот дека Преспанскиот договор е домашен, односно регионален производ и тоа зборува навистина многу за прогресот кој го направија земјите од регионот и регионот во целина“, рече министерката.

Ние имавме доверба и навистина донесовме резултати, со лидерство, со ентузијазам и со знаење, порача Шекеринска и заклучи:

„НАТО е нашиот успех. Се надевам дека и Европа ќе ја испрати моќната порака до другите земји во регионот дека тешките и храбри одлуки и макотрпната работа – се вреднуваат.”

Други вести
Skip to content