Шекеринска – Мехај: Регионот научи од грешките во минатото, просперитетот и стабилноста се заедничка цел


Министерката Радмила Шекеринска денес во Скопје се сретна со министерот за одбрана на Република Косово, Арменд Мехај, кој се наоѓа во еднодневна официјална посета на Република Северна Македонија, чиј домаќин е министерката.
Двајцата министри имаа тет-а-тет средба и билатерална средба на ниво на делегации при што стана збор за соработката во одбраната и пошироко, и за состојбите во регионот, а беше потпишан и Меморандум за разбирање и соработка во справувањето со лажни вести и дезинформации.
„Нашата заедничка мисија е да обезбедиме безбедност и стабилност на целиот регион, вклучително и на Косово, за да имаме регион кој што ќе цели кон заедничка европска и евро-атлантска иднина. Тоа е иднината која што ја посакувавме и за нашите граѓани и тоа е иднината која што граѓаните во нашиот регион целосно ја заслужуваат“, изјави министерката Шекеринска по средбата, посочувајќи дека регионот научи од своите грешки и дека е време да се оди напред.
„Нашата земја инвестира во регионалниот мир и кон крајот на минатата година како НАТО членка започна и со свои сили да придонесува во мисијата на Алијансата во Косово. Го поддржуваме и дијалогот Приштина-Белград, со цел да се дојде до заеднички Договор кој ќе биде во прилог на натамошното стабилизирање на регионот“, истакна министерката.

Министерот за одбрана на Косово, Мехај, рече дека се чувствува почестен што е во Северна Македонија бидејќи, како што истакна, државата помина низ многу фази кои Косово ќе треба да ги следи и од кои ќе научи многу. „Ние сме посветени да зборуваме на ист јазик за заедничка иднина во Европската унија и НАТО. Ви благодариме за поддршката преку КФОР, но и за секоја соработка за подобра иднина, особено во однос на регионалната безбедност“, подвлече тој.

На средбата стана збор и за соработката во едукацијата, при што на нашата Воена академија се образуваат кадри од Косово, и за можноста за заеднички настап во меѓународни мисии, и заеднички обуки и тренинзи.

Косовскиот министер ја посети и Воената академија, а имаше средби и со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Други вести
Skip to content